Илјадници деца но и возрасни се најдоа денеска во многубројните Бадникови поворки организирани во 75 градови во земјава и 5 во дијаспората со цел да се одбележи денешниот празник Бадник и утрешниот ден на Христовото раѓање Божик. Бадниковите поворки како форма на радосно здружување на децата кои после коледарењето во своите маала, се собираат на однапред договорено зборно место за заедно, свечено и достоинствено да поминат одредена патека пеејќи ја пригодната божиќна песна „Вечниот Бог“, оваа година се одржаа по 14-ти пат во организација на здружението „Бадникови поворки“.
Централната манифестација во Скопје започна започна во 11 часот на Плоштад „Македонија“ и на едно место ќе ги собере коледарчињата од сите скопски општини кои ја оформија најголемата бадникова поворка што од Камениот мост чекореше кон Соборниот храм „Св.Климент Охридски“. Таму имаа топол прием и пригодно дарување кај архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Во рамките на манифестацијата, бесплатно се поделија 2.000 божиќни ѕвезди коишто дополнително го украсија свечениот настан, а ја симболизираат Витлеемската ѕвезда што им го покажала патот на Мудреците кон местото на Раѓањето на Богомладенецот.
Бадникарите ги пречека и скопската градоначалничка Данела Арсовска.
-Ги пречекавме нашите млади бадникари средношколци од Бадниковите поворки кои со песна ја вознесоа веста за Христовото Раѓање и ја покажаа убавината на традицијата со пеење на божиќните каланди, напиша Арсовска на својот фејсбук профил.
Повеќе од 800 дечиња беа дел од традиционалната бадникова поворка, која се одржа во Охрид по 11-ти пат, на ден пред големиот христијански празник Божик. Со ѕвезди во рацете, тие извикуваа Христос се роди, навистина се роди, со што симболично го најавија Христовото раѓање. Бадниковата поворка е во организација на Здружението за грижа и воспитување на децата од Охрид и општината.
-Успеавме да создадеме една традиција на бадниковите поворки, која покрај Охрид се прошири и во сите градови. Оваа година благодарение на децата учесници од Агенцијата за верски заедници добивме и награда за трајни вредности, рече Летка Филипова, дел од тимот за организација на настанот.
Со Бадникова поворка и пеење на песната „Вечниот бог“ денеска беше најавено Христовото раѓање и во Кавадарци. Поворката тргна од црквата „Света Петка“, помина преку централното градско подрачје и стигна до градскиот плоштад. Пред зградата на општината, децата со подароци ги пречека кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
-Бадник е голем христијански празник. Задоволство е да се види кога од млади години се почитува верата, рече Јанчев.
Свештените лица се осврнаа на значењето на празникот и на тоа како тој правилно да се одбележува
Во Битола, пак, и оваа година во Битола се одржа Бадниковта поворка, на која учествуваа стотици деца од Битола, кои ја пееја божикната песна “Вечниот бог“ и носеа ѕвезди кои сами ги изработија, навестувајќи ја Божикната ноќ кога е роден Исус Христос. Бадниковата поворка започна кај Офицерски дом во Битола када на платото беше испеана песната “Вечниот бог“. Потоа Бадниковата поворка започна да се движи од Офицерскиот дом, за преку Широк Сокак да стигне до црквата “Св. велокомаченик Димитрија“. На плоштадот “Магнолија“ децата уште еднаш ја испеаја песната “Вечниот Бог“, а еден од организаторите Кире Божиновски рече:
-Ви благодарам вам деца, кои се собравте во голем број, кој заедно ја направивме оваа Бадникова поворка, со која го најавивме Христовото раѓање. Ова го правиме сите од срце, за нашиот Бог, Исус Христос, рече тој.
И во Гостивар се пееше коледарската песна „Вечниот Бог“, со златни божикни ѕвезди во рацете и радосни лица. Поворката од стотици деца тргна од црквата „Успение на Пресвета Богородица“ по литургијата во чест на Бадник. Анѓелчињата се движеа низ централното градско јадро, низ улиците „Илинденска“ и „Гоце Делчев“ и завршија во црквата „Св.Петка“, кај железничката станица, кадешто беа дарувани.
Деца од Дебар и селата Ростуше, Битуше и Велебрдо, подрачјето на Река, ја сочинуваа бадниковата поворка на радоста, која денеска, пеејќи ја ангелската песната „Вечниот Бог“ минаа низ главната и неколку споредни улици во Дебар и во Ростуше. Поворката тргна од кај кружнот тек, во близина на општинската зграда во Дебар, носејќи во рака пештера – симбол на витлеемската пештера во која е роден Исус Христос, изработена од вредните раце на сестрите од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“, како и ѕвездички. Бадниковата поворка потоа продолжи во село Ростуше, админстративен центар на општина Маврово Ростуше.
– Иако, нас православните не има се помалку по број продолжуваме со традиците. Песната „Вечниот Бог“, одекнуваше низ улиците. Срцето ми се исполни со радост а душата ми ја стоплија овие мали ангелчиња, рече Лилјана Блажевска, мајка на едно од децата бадникари.
Вака радосна атмосфера беше и во сите останати градови ширум Македонија.