Home АКТУЕЛНО Бадникови поворки му се извинија на г.г. Стефан

Бадникови поворки му се извинија на г.г. Стефан

0
Бадникови поворки му се извинија на г.г. Стефан

Официјално извинување за нецелосното презентирање на титулата „Архиепископ Охридски и Македонски” на г.г Стефан, упати вечерва организацијата Бадникови поворки.

Во обраќањето до Поглаварот на МПЦ-ОА се наведува дека се работи за ненамерен пропуст.

-Соочувајќи се со Вашата реакција во јавноста, а во однос на нецелосното презентирање на Вашата титула „Архиепископот Охридски и Македонски” длабоко извинувајќи ви се како организатор на концертот, сакаме да Ве известиме дека се работи за ненамерен пропуст во составувањето на сценариото и воедно да отфрлиме секаква залонамерна предумисла. Имено, како што внимателно испитавме и утврдивме, непосакуваниот пропуст настана во воведот на сценариото, односно во обраќањето на почетокот, од каде што потоа вашето скратено ословување се појави и на кајронот при Вашето обраќање, при што јавниот сервис МТВ нема никаква вина по однос на ова непредвидено искушение. А дека се работи за ненамерен пропуст, докажува и тоа што во подоцнежниот дел од сценариото, и од страна на водителот, како и од страна на претставникот на нашето здружение, бевте посочени и повикани на сцената со Вашата полна титула: Архиепископ Охридски и Македонски”, се наведува во извинувањето.

Во него се додава дека во здружението Бадникови поворки се верници кои почитуваат редот и поредокот во Црквата.

-И не сакаме никого и со ништо да навредиме, а нашата љубов кон Вас, досега многупати, а вчера особено беше покажана пред лицето на јавноста не како нешто невистинито, туку како изблик на искрена љубов кон Вас од нашето срце. Всушност, и целиот наш волонтерски ангажман кон возобновувањето на автентичните православни традиции за празнувањето на Божик, со поворките и пеењето на преданиските текстови на каландите, е еден наш жртвен и макотрпен принос, но и дар за нашата Црква, како и за Вас како нејзин Поглавар. Не сакаме оваа ненамерна ситуација да фрли сенка на сиот наш досегашен труд, на нашето уважување и љубов кон Вас. Особено не поради лошите намери на поединци, кои без никаков труд, сега сакаат со своето лошо  зборување и злонамерно расудување – правејќи проблем таму каде што го нема, да го урнат тоа што е очигледно – нашата ревност кон верата и преданијата на Црквата. Примете го уште еднаш нашето длабоко извинување за ненамерниот пропуст, потенцираат од Бадникови поворки.