Во Србија се одбележува Денот на државноста во знак на сеќавање на 15 февруари 1804 година, кога во Орашац започна Првото српско востание за ослободување од Турците, а на истиот ден во 1835 година е прогласен првиот Устав кој го означи и почетокот на современата државност. Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, по овој повод доби честитки од повеќе светски претседатели меѓу кои од претседателот на САД, Џозеф Бајден.
Бајден порачал дека САД силно го поддржуваат патот на Србија кон пристапување во ЕУ, дијалогот со Косово и му се заблагодарил за поддршката во Украина.
Американскиот претседател, меѓу другото, изјави дека се радува на зајакнување на економските врски и зајакнување на регионалната соработка.
-Изградбата на поуспешен и постабилен Западен Балкан е во интерес и на САД и на Србија, а во текот на следната година со нетрпение очекувам да ја унапредиме оваа цел преку зајакнување на регионалната енергетска безбедност и проширување на нашите економски врски, порача Бајден, се наведува во соопштението од кабинетот на Вучиќ.
Во честитката Бајден додаде дека „САД ја ценат поддршката што Србија и ја пружи на Украина во одбрана на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет кога таа се соочи со бруталната инвазија на Русија“.
-САД силно го поддржуваат и патот на Србија кон пристапување во ЕУ и остануваат посветени да и помогнат на Србија да ги зајакне своите демократски институции кон исполнувањето на оваа цел. Исто така ја охрабрувам Србија да продолжи со минатогодишниот напредок во дијалогот со Косово, со посредство на ЕУ. Договорот за нормализација и имплементација претставува клучни чекори кон помирна и поуспешна иднина на Србија, регионот и Европа, му порачал Бајден на Вучиќ.