Општина Центар ја активирала банкарската гаранција за изградбата на Шпанските скали на плоштадот „Македонија“ во Скопје бидејќи купувачот на земјиштето, фирмата „Амадеус девелопмент“ ДООЕЛ Скопје, не го испочитувала договорот. Со тоа, како што соопштија од прес-службата на Општината, во општинскиот буџет се вратени 6.169.500 денари или околу 100.000 евра.
-Согласно склучениот договор, доколку купувачот не исполни дел од обврските од договорот и не ги испочитува утврдените рокови, договорот од страна на продавачот се раскинува и земјиштето се враќа во негова сопственост, односно во сопственост на Општина Центар, велат од Општина Центар.
Договорот за отуѓување на земјиштето бил склучен на 11 ноември 2013 помеѓу Министерството за транспорт и врски и фирмата „Амадеус девелопмент“. Фирмата била обврзана во рок од 9 месеци од солемнизација на договорот да добие одобрение за градба односно најдоцна до 20 август 2014 година. Иако рокот истекол, според Општина Центар, тогашната локална власт издала одобрение за градење на 28 јули 2015 година, кое станало правосилно на 12 август истата година.
„Амадеус девелопмент“ имале рок не подолг од 6 години за изградба на објектот, односно не подоцна од 12 август 2021 година. Со решение од 12 мај 2020, градоначалникот Богдановиќ го прогласува одобрението за ништовно. Жалбата на „Амадеус девелопмент“ до второстепената комисија при Министерството за транспорт и врски е одбиена како неоснована, затоа што биле должни да почнат со градба најдоцна до 12 август 2017, односно најмногу 2 години од правосилноста на одобрението.
Со оглед дека истекол рокот за изградба и прекршувањата на договорот, општинските власти до фирмата доставиле изјава дека еднострано го раскинуваат договорот и ја активираат банкарската гаранција со која ги вратиле парите во буџетот.
За продажбата на ова земјиште, како и за други парцели во строгиот центар на Скопје во Основниот кривичен суд во Скопје се води и судски процес кој во јавноста е познат токму под име „Шпански скали“. Предметот се однесува на четири склучени договори за продажба на државно земјиште, а првообвинет е поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески. Во случајот обвинети се уште 10 лица.