Вработените од култура на протест: Не може за иста позиција разликата во плата да биде 10.000 денари

На протест пред Министерството за финансии денеска се собраа вработените од Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за филм барајќи поголеми плати.

Како што изјави претседателот на Синдикалната организација при Министерството за култура на УПОЗ, Бранко Костовски, платите на речиси 70 отсто од вработените во овие три институции се под просечната плата во државата. Разликата со платите на вработените на исти позиции во установите од областа на културата, пак, е и по 10 илјади денари.

– Ние го поздравуваме зголемувањето на платите на нашите колеги од Министерството за финансии, но истовремено бараме од министерот за финансии, Владата и премиерот да не дозволат нерамноправен третман на вработените во државните органи. Ги охрабруваме и нашите колеги во другите министерства да ни се придружат и заеднички да се избориме за она што ни следува. Ние имаме поддршка од раководството, од одговорните лица во Министерството за култура и ќе продолжиме по институционален пат да бараме покачување на платите – рече Костовски.

Тој додаде дека Синдикалната организација при Министерството за култура веќе има изготвено Предлог-текст на колективниот договор, кој предвидува објективно и коректно покачување на платите на вработените, за кој минатата година Министерството за финансии даде негативно мислење. Но, по само неколку дена, како што напомена, со Законот за буџетите се утврди зголемување на платите од 30 отсто за вработените во Министерството за финансии.

Претходна вестСемејството и јавноста чекаат одговор од што почина 6-годишната Јана од битолското село Кравари
Следна вестПрв пат во Хрватска опериран тумор со помош на вештачка интелигенција и роботска рака