Обвинителката Вилма Рускоска постапувала пристрасно и барам да биде изземена од постапувањето во случајот, побара денеска поранешната пратеничка Фросина Ременски, на почетокот на судењето во случајот „Меѓународен сојуз“ во кој е третообвинета. Ова барање преку нејзиниот адвокат Владимир Донески е доставено до Јавното обвинителство на РСМ кое ќе треба да се изјасни. На ова се придружи и првообвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13 кој рече дека Рускоска се однесувала селективно и тенденциозно.
Шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска, пак, одговори дека ваквото барање како што рече „не држи”.
-Во својата кариера никогаш не сум била пристрасна при водењето на предметите, рече таа.
Заради ова, днешното судење практично и не почна и се одложи за 21 јули.
Во случајот „Меѓународен сојуз“, освен Фросина Ременски, обвинети се и Јасна Мандиќ, Бојан Јовановски – Боки 13, Миле Јовановски и Христина Блажеска.Обвинетите во овој случај се товарат за кривичните дела „измама” и „перење пари”, а обвинетиот Миле Јовановски, се товари за кривичното дело „неовластено држење оружје”. Судскиот процес го води судијката Софче Гаврилова -Ефремова. Според обвинителството, обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски, дека ќе учествуваат во проект преку „Меѓународен сојуз“ на Бојан Јовановски – Боки 13 и ги оштетиле со повеќе од милион евра.