Скопјанец и неговата асистентка краделе и ги тепале жртвите

Заради извршени разбојништва и кражби скопското Јавно обвинителство поднесе обвинение против скопјанец и неговата соизвршителка. Тие се товарат за неколку кражби во кои ги напаѓале, тепале и со воздушен пиштол им се заканувале на жрвите. Во обвининеието се наведува дека обвинетиот на 11 мај, во влезот на станбена зграда на улицата „Радика“, со употреба на закана на една оштетена и одзел ранец во кој имало пари и други предмети во вкупна вредност од 26.600 денари.

Тој влегол во влезот на зградата по оштетената и и се заканил со пиштол наменет за исфрлање синтетички топчиња со пречник од 6мм под дејство на компромитиран воздух. Побарал оштетената да му ги даде сите предмети кои ги имала кај себе, а потоа и го побарал и клучевите од станот и од возилото. Кога таа се спротивставила, тој на сила и ги одзел клучевите и го напуштил местото, се наведува во обвинението.

На 15 мај, пред влезот на станбена зграда на улицата „Варшавска“, обвинетиот заедно со обвинетата забележале една оштетена како стои со количка за бебе и дека лифтот во зградата се сервисира. Обвинетата и понудила на оштетената обвинетиот да и помогне и да и ја качи количката до катот каде што живее. Оштетената ја прифатила понудата и се качиле на третиот кат.

Кога оштетената започнала да ја отклучува вратата од станот забележала дека и го нема мобилниот телефон кој се наоѓал во количката и веднаш се упатила кон обвинетиот кој тргнал да си оди, барајќи да и го врати телефонот. Затечен во кражба, тој започнал да ја турка и да ја удира во ѕидовите од влезот, а во еден момент го извадил и пиштолот за исфрлање синтетички топчиња. Тој се заканил дека ќе ги убие и оштетената и нејзината малолетна ќерка која оштетената за цело време ја држела во рацете. По ова тој побарал да ја отвори влезната врата од станот и да му ги даде сите предмети кои што се вредни, но оштетената се спротивставила и започнала да вика. Тогаш излегле соседите од нејзиниот кат, по што обвинетиот избегал од местото, утврдило Обвинителството.

На 25 мај, пак, од стан на улицата „Драгиша Мишовиќ“, двајцата обвинети одзеле патики и чизми во вкупна вредност од 32.600 денари. Со оштетениот се познавале од претходно, па додека првообвинетиот разговарал со него за да му го одвлече вниманието, второобвинетата останала во ходникот и ги одзела предметите.

Претходна вестШто не слушнавме на синоќешниот лидерски ТВ дуел?
Следна вестПочинаа 4 пациенти на возраст од 51, 56, 58 и 67 години, новозаразни се 120 лица