Бебе починало додека било транспортирано со возило на Итната медицинска помош од Прилеп кон Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, соопшти СВР Битола.
Случајот во полиција бил пријавен вчера.
-На 22.06.2024 во 16.20 часот во Полициската станица Прилеп било пријавено дека во болницата во Прилеп во тешка здравствена состојба, од неговата мајка Ф.Ј.(34) од Прилеп, било донесено бебе, кое починало при транспорт со Итна медицинска помош Прилеп кон Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
По насоки на јавен обвинител, телото на починатото бебе било предадено на обдукција.
Телевизија Телма објави дека бебето имало 8 месеци и дека вчера попладне во исклучително тешка здравствена состојба во болница го донела неговата мајка. Откако било прегледано од лекар педијатар, тој веднаш одлучил да го испрати до повисока здравствена установа.
-Од болницата во Прилеп велат дека 8 месечното бебе било неухрането и тешко само 3 килограми, а немало ниту извод од матичната книга на родените, поради што случајот го пријавија во полиција, се наведува во прилогот на Телма.
За еден месец ова е четврти случај на починато бебе во нашите болници или при транспортот во Скопје.
На 15 јуни, машко новороденче починало ден откако било родено во Клиничката болница во Битола со царски рез. Бебето било транспортирано од Битолската болница до Детската клиника во Скопје, од каде родителите биле известени дека починало.