По лиценцата за производство на топлинска енергија Балкан енерџи груп (БЕГ) денеска ги загуби и лиценците за снабдување и дистрибуција на топлинска енергија. Регулаторната комисија за енергетика денеска ги одзеде лиценците со што оваа компанија веќе нема да ги загрева скопјаните.
-Ние ќе ја известиме Владата за оваа одлука по што треба да се спроведе постапка за избор на вршител на енергетска јавна дејност производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Откако ќе биде извршен изборот, РКЕ ќе издаде соодветни лиценци. Сè до завршувањето на процедурата БЕГ законски е обврзана да ја врши јавната дејност – производство, дистрибуција и снабдување на топлина, по што обврската ќе ја преземе компанијата што ќе биде избрана во постапката спроведена од Владата, изјавија од Регулаторната комисија.