Бесими за задолужувањето од 50 милиони евра: Кредитот е земен за премостување на периодот до издавање на еврообврзница

Кредитот од 50 милиони евра е земен за премостување на периодот до издавање на еврообврзница бидејќи каматите во моментов се многу високи, изјави денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.

Тој објасни зошто Владата зема краткорочен кредит од Шпаркасе банка на износ од 50 милиони евра.

-Ние сега работиме со банките да обезбедиме поповолни услови. Ова го работиме  неколку месеци и така дојдовме до овие 50 милиони. Ова задолжување се  користи за буџетски тековни трошоци. Парите ние ги земаме во трезори и ние сега гледаме каква ни е позицијата на расходна страна, кажа Бесими.

Од потребните 900 милиони евра за покривање на буџетскиот дефицит годинава, Владата на овој начин успева да обезбеди 50 милиони евра. Кредитот е земен со камата од 2,2 отсто. Според првиот финансиер, условите за издавање еврообврзница сега не се поволни поради високите камати. Состојбата ќе се следи до крајот на годината, а дотогаш ќе се бараат други начини за да се обезбедат потребните пари.

-7,5 отсто беа каматите во мај и јуни. Сега е 6 отсто каматата, но чекаме поволен период за да ја издадеме, рече Бесими.

Владата ќе го отплаќа овој кредит 12 месеци. Според него, ваквиот начин на краткорочно задолжување може да се случува и до крајот на годината, ако не се создадат поволни услови за ееврообврзница.

Претходна вестЗошто ниедна од кандидатките за директор на Академијата за судии и јавни обвинители не доби поддршка на денешното гласање?
Следна вестСилно невреме во Скопје: Улици станаа реки, откорнати кровови…