Колумна на Наташа Котлар – Трајкова:
Еден од најспомнуваните зборови во последниве денови, во последниве недели и во последнава година е секако зборот – и д е н т и т е т, особено неговата членувана форма – и д е н т и т е т о т. Се прашувам, дали тие што го артикулираат толку многу сè до намерна здодевност, а и оние што го слушаат, го разбираат неговото комплексно значење. Можеби, дел од нив и разбираат, ама си молчат!
Заради, појаснување на нештата, ќе потсетам дека во основната дефиниција за овој поим се зборува за определени својства, особини или карактеристики на нешто (на пр.: индивидуа, група, заедница, народ) по кои што се изделува и се разликува од другите. Оттука, може да се зборува за повеќе видови на идентитет, но во конкретните прилики, за нас најинтересни се: именскиот и колективниот идентитет, културниот идентитет (јазик, литература, музика, уметност, фолклор), религиозениот идентитет, етничкиот и национален идентитет, кои ја чинат посебната – македонската историска содржина.
Зачестеноста на зборот и д е н т и т е т во јавниот и политичкиот дискурс е последица на современите надворешни и внатрешни политички процеси изразени преку Бугарскиот договор (2017), Преспанската спогодба (2018), уставната рашомонијада за „Северна“ (2019). Сите тие го засегнуваат, го ограничуваат, честопати го мистифицираат или пак го негираат македонскиот историски и народен идентитет, присутен во низата на процеси и случувања во времето и во просторот, во низата на идеи и стремежи на поединци и групи, во низата на успеси и неуспеси во борбата вековна, но карактеристична – македонска.
Ова пак нè упатува на суштината на македонското прашање што се појавува на виделина во 50-те години на XIX век, благодарение на мобилизирачките напори на Димитар Миладинов за културна преродба на македонскиот народ. Тоа се манифестира како јазично, културно, духовно и етничко прашање, во настапите на организираните (македонски) групи пред јавната власт, во случајот, согласно милет-системот во Османликата држава, власта на Цариградската патријаршија, односно на Бугарската егзархија (1870).
Од времето на Берлинскиот конгрес (1878), па натаму, оваа карактеристичност на македонското прашање се игнорира од меѓународната конјуктура (обременета од интереси и влијанија) и добива третман пред сé на политичко прашање (и територијална варијабла). Оттука е и поделбата на Македонија како географско-етничка-социјална целина на македонскиот народ. Затоа е и „конспиративната тишина“ во однос на македонското прашање на меѓународните конференции и во XX век.
Не случајно, кога се спомнува и д е н т и т е т о т нашето внимание е насочено кон историјата – народната колективна меморија (антрополошка) и научната дисциплина (нормативна).
Наравоучение, бидете внимателни, кога се спомнува и д е н т и т е т о т и грижата за него, од страна на оние кои веќе и се откажале од истиот, всушност станува збор за лош и недобронамерен однос кон македонското прашање во сите негови аспекти!