Верниците на Римокатоличката црква денеска го слават најголемиот христијански празник Воскресение Христово –Велигден. Традиционално во државава централното одбележување се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде што беше отслужена Воскресна литургија. Со литургијата началствуваше Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. Киро Стојанов, а сослужуваа уште и катедралниот парох патер Винко Маслаќ, деканот и директор на Македонски Каритас о. д-р Зоран И. Стојанов, бискупскиот канцелар отец Марјан Ристов и катедралниот капеалн Марјан Бешлиќ.
Покрај верниот народ на светата литургија присуствува претседателот на Македонија Стево Пендаровски, градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски, и бројни луѓе од дипломатскиот кор и јавниот културен и општествен живот.
Велигденското бдение започна со благослов на огнот пред катедралата, и внесување на воскресната свеќата во катедралата.
Бискупот Стојанов ја прочита воскресната проповед и им го честиташе празникот на католичките верници.
– Велигден е почеток на нов облик на живот за целиот човечки род, бидејќи настанот на Исусовото воскресение ни ја дава, на секој поединечно и целото човештво, крајната смисла и крајната цел. Пред две илјади години, Бог, во Кого се нашите времиња и векови, нашата надеж и нашата иднина, ни се откри во Исус Христос. Тоа е Божјиот Син во кој ни се покажа Божјата љубов и кој ни покажа дека нашата иднина е сигурна во Бога, бидејќи доаѓа од Бога и затоа што самиот Бог е иднината, рече тој.
Тој додаде дека на Воскреснатиот Христос можеме да сметаме како и досега низ историјата и покрај бурните времиња и закани за човештвото.
-Секоја генерација има своја борба и свои предизвици. Но секоја борба која се води во корен е против човечкото достоинство и против Божјото создание. Така и оваа наша генерација се соочува со предизвикот на вештачката интелигенција, на која нашето општество допрва ќе треба да дава морални, етички и правни одговори во кои технологијата мора да биде во служба на човекот, а не обратно и да се зачува човечкото достоинство и животната средина. Сведоци сме и на обидите за испишување нова антропологија и да се исфрли Бог, Вистината од научната дискусија. Тука е и нуклеарната закана, која е неприфатлива опција во уредување на меѓународните односи и е во спротивност со принципите за почитување на човечкиот живот и достоинство и дарот на Создаденото. Токму затоа Воскреснатиот Христос од нас бара промена на срцето, да се свртиме кон Него и да го препознаеме Воскреснат. Само така ќе можеме да ја промениме логиката на размислување и однесување. Само ако го препознаеме дека Христос е жив и Воскреснат ќе можеме да бидеме повеќе Божји, а помалку световни, повеќе ќе копнееме за вечното, отколку за минливото, само така ќе можеме да го бараме небесното, а не земското, потенцира бискупот Стојанов.
Фото: Католици.мк