Во моментов РКЕ ги прави анализите дали и за колку може да се продолжи периодот на евтина дневна тарифа на струјата, изјави денеска Марко Бислимоски, претседател на Републичката комисија за енергетика. Тој денеска се обрати на првиот панел на СЕФ насловен „Како да се обезбеди социјално праведна енергетска трансформација во ера на растечка сиромаштија и нееднаквости?“.
-Во изминатиов период компаниите во текот на денот имаат ниски цени на електрична енергија и тоа што го имаат тие мора да го имаат и домаќинствата. Со воведувањето на евтината дневна тарифа од 13:00 до 15:00 часот веќе го направивме првиот чекор, но трендовите на берзата покажуваат дека во овој период има исклучително ниски цени на струјата и правиме сериозна анализа за наредните две – три години за цени на електричната енергија за секој час на повеќе берзи и кога ќе бидеме готови ќе кажеме кога и во колкав обем ќе имаме зголемување на евтината тарифа во текот на денот, рече Бислимоски.
Нагласи дека придобивките од изградбата на фотоволтаичните централи веќе допреа до компаниите и во текот на денот имаат исклучително поволни цени на струја, а тоа сега треба да се префрли и кај домаќинствата.
-Испраќаме сигнал до ЕВН Хоум и до ЕСМ поголемиот дел од набавките да ги прават во текот на денот кога цените се исклучително ниски. Тоа пред се ќе биде добро за ЕСМ, бидејќи во тие периоди ќе нема потреба да се трошат ресурсите од вода која ќе може да се чува за период кога електричната енергија може да се продава по повисока цена или за зимата, посочи Бислимоски.