Битиќи и Костадинов поднесоа оставки од потпретседателските функции во СДСМ

 

Оставки од своите партиски потпретседателски функции во СДСМ вчера поднесоа се уште актуелниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи и Перо Костадинов, градоначалник на општина Валандово.

Битиќи во видео обраќање преку својот Фејсбук профил соопшти дека поднесува оставка од функцијата потпретседател на СДСМ по поразот на партијата на претседателските и парламентарни избори.

-Како потпретседател на Социјалдемократската лига на Македонија, посветен на етичките и демократските вредности, решив да поднесам оставка од функцијата потпретседател на партијата. Мојата оставка ќе биде целосно ефективна кога тоа ќе го сторат и останатите мои другари кои го сочинуваат раководството на партијата – од првиот до последниот, напиша Битиќи.

Додава дека во текот на неговата политичка кариера барал лична одговорност од сите партии – и овој чин, како што вели, е токму тоа.

-А, оставката на раководството е неопходен чекор кон враќање на довербата кај граѓаните и трасирање на патот кон идните политички успеси. Оставката не е политички чин на губење на социјалдемократската идеја, туку порака и предизвик за подобрување и преиспитување на СДСМ. Прифаќањето на политичката одговорност нема да биде знак на слабост, туку израз на лична и партиска демократска зрелост, како и подготвеност да се промени и расте – и да се даде приоритет на колективниот интерес пред личните амбиции, напиша тој.

Неговиот партиски колега Перо Костадинов, градоначалник на Општина Валандово, во својата објава вели дека на овој чекор се решил по објавувањето на изборните резултати од гласањето на кое, како што напиша, граѓаните гласале на демократски избори и на слободен начин ја изразиле сопствената волја.

Како држава, можеме да продолжиме напред само преку заедништво и добронамерност. Потребни ни се внатрешни и надворешни партнерства, силни институции и интеграција на земјата во ЕУ. Сонот за подобар живот дома, е на сите нас, пишува Костадинов.

Според него, СДСМ ќе се реформира, затоа што му е неопходен на општеството. Тоа, како што вели Костадинов, ќе го направи како државотворна партија која секогаш ја негува демократијата, ја гарантира слободата на граѓаните и никогаш не поттикнува меѓуетнички судири.

Лидерот Димитар Ковачевски, пак, синоќа изјави дека и тој и сите партиски функционери имаат одговорност за поразот. Ковачевски повика на итна анализа во партијата и свикување на отчетен конгрес, со цел потполно консолидирање на целата партија.

 

-Денешниот резултат е разочарувачки, на СДСМ му е зададен тежок удар не само од гласачите туку и од симпатизерите на партијата. Во периодот што следи длабоко ќе анализираме што е причина за ваквиот пораз. Сдсм мора да погледне внатре и да види кој се слабостите во последните 4 години, ако не и во последните 7 години. Во наредниот период детално ќе ги анализираме овие резултати и посериозно и подлабоко мораме да го најдеме изворот за овој поразителен исход. Не сакам да посочувам виновници. сите имаме одговорност, како партиските функционери на локално и централно ниво. СДСМ ќе треба добро да погледне внатре и да размисли што направивме и кои се слабостите, рече Ковачевски.

Претходна вестСтоилковска испушти победа против третата носителка во Србија
Следна вестИнаугурацијата на Силјановска – Давкова најдоцна на 12 мај, кога истекува мандатот на Пендаровски