Не е етички зголемувањето на цените во Македонија да биде значително поголемо отколку во земјите на Европската унија, укажа денеска вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи. Во настапот на Регионалниот форум за социјално претприемаштво тој ги повика компаниите да не бидат причина за кризата да биде уште поголема, да работат за профит, но да имаат и етика и морал.
-Отидов во Комисијата за заштита на конкурентност. Разговарав со нив за да поведат иницијативи во неколку сектори за да видат дали евентуално можеме да докажеме дека има договарање за она што се случува. Ќе ги видите набргу податоците што ќе ги изнесеме. Ако го видите зголемувањето на цените поради инфлацијата на светските берзи, тие се една четвртина помали отколку што се во Македонија. Нешто се случува. Не може нашата земја да е уникатна, изолиран остров, кога е составен дел од цела Европа. Ако храната е зголемена 11 отсто во Европската Унија во берзанските цени, овде е зголемена 46 проценти. Извинете, ама тоа не е етички, потенцира Битиќи.
За неетичкото однесување на компаниите да не доведе до поголеми последици, Битиќи најави зајакнување на сите инспекциски служби со професионалци, кои постојано ќе бидат на терен и ќе го гледаат однесувањето на компаниите во сите сектори.
Од минатиот месец кога повторно почнаа да растат цените на храната, вицепремиерот Битиќи алармира дека не производителите, туку големите маркети во земјата неетички и неморално ги зголемуваат цените.