Битолчанката Налча диригирала со машки хор уште во 1933 година, а била и прва професионална актерка

Да се биде прв во некоја професија во една држава е голем предизвик која бара талент и упорност. Но, да се биде прв и во две уметнички професии е и своевиден феномен. Таков еден феномен се врзува за името на Калипсо Налча, прва жена – диригент во Македонија, но и прва професионална актерка. Ја споменуваме денеска оти починала на денешен ден во 1987 година во Скопје.

Родена во Битола во 1915 година, со растењето се повеќе го манифестирала уметничкиот порив во себе. Тој ја води на музички студии на Конзерваториумот во Атина каде завршува студии по пијано. Но, страста и љубовта кон диригентството станувата посилни и таа по враќањето во Битола станува диригент на машкиот хор „Абрашевиќ“ почнувајќи од 1933 година. Фактот дека диригентството во тоа време била исклучиво машка професија не ја обесхрабрил. Напротив.

Се редат бројни настапи на хорот, а таа влегува и во нов предизвик – основа свој „Бенд“ со дваесетина инструменталисти. Запаметено е дека со нив настапила на прославата на Свети Кирил и Методиј на 24 мај 1935 година во Офицерскиот дом. Работела и како музички педагог, држела курсеви, предавала во битолската гимназија, го водела детскиот еврејски хор во Битола…

Но, освен ова, љубовта кон уметноста ја води и кон театарската сцена. Од 1939 па до 1941 година е ангажирана како актерка и корепетиторка во Скопскиот театар, во кој настапува во бројни претстави.

 

 

Претходна вестОблачно и студено со повремени врнежи
Следна вестПазарџиите револтирани: Министерот Бектеши нека дојде да продава грав по 75 денари, првин нека ги намали цените на Кванташки па потоа тука