Дискусијата околу патарините секогаш е отворена, но на крајот државата ќе ја донесе одлуката, изјави денеска министерот за транспорт и врска Благој Бочварски. Тој така одговори на новинарско прашање околу новата методологија за плаќање на патарините, односно, намалувањето на нивната цена .
-Ние можеме да разговараме за различни методологии, можности за една или друга цена на патарините, но на крајот секако треба да знаеме дека за да имаме модерни и безбедни патишта за да може да градиме нови патишта и да имаме изградба на автопати со должина од преку 120 километри, коишто ги најавуваме, секако, треба овде и тие патишта да се одржуваат и заради тоа дискусијата на темата е секогаш отворена. Може да се направи дискусија, методологија од страна на стручните лица, но на крајот на денот сепак државата ќе носи одлуки коишто ќе бидат во интерес на граѓаните, истакна Бочварски кој денеска беше на увид на работите на локалниот пат Делчево – Тработивиште во должина од 5,3 километри.
Инаку, Бочварски кон крајот на март годинава најавуваше намалување на цените на патарините.
-Се прават модалитети со кои ќе се намали цената на патарините на државните автопатишта…, рече тогаш Бочварски.
Изјавата дојде откако тогаш во јавноста се актуелизираше прашањето на скапите патарини во Македонија, лошиот квалитет на патиштата, откако се виде дека овие надоместоци се поскапи отколку во другите земји и откако во парламентот се поднесоа предлози за законски промени со кои тие ќе се намалат за 50 проценти.
Но, од денешната изјава, очигледно, произлегува дека изработката на новата методологија не е на повидок ниту, пак, намалувањето на цената на патарините.