Богдановиќ: Го раскинуваме договорот за изработка на ДУП кај ГТЦ, ќе бараме друг планер

Општина Центар подготвила акт за раскинување на договорот за изработка на Детален урбанистички план за просторот на сегашниот паркинг кај Градски трговски центар и ќе бара друг изведувач. Ова за „Скопско ехо“ го најави градоначалникот Саша Богдановиќ откако во јавноста се појавија информациите дека постојат големи несогласувања меѓу Општината и планерската куќа „Билд урбан“ која го изработува ДУП-от. Според информациите кои се појавија во јавноста општина Центар е незадоволна од она што е понудено како проект, но и од тоа што оваа проектантска куќа не сака да постапи по нивните насоки во планирањето за хумано живеење и планско уредување на просторот. Наместо тоа, проектантите дури замислиле детска градинка да биде сместена под земја!?, како и други неприфатливи решенија.

-Општина Центар спреми акт за раскинување на договорот бидејќи не се испочитувани одредени членови пред се не постапувањето на планерската куќа по забелешките и предлозите на комисијата. Штом ќе се заврши целата процедура ќе се распише нова набавка за да добиеме понуда од нов изработувач на план се со цел да се донесе план по насоки на општината, вели Богдановиќ за „Скопско ехо“. 

Инаку, овој ДУП е еден од оние за кои општина Центар прогласи мораториум пред три години. Уставниот суд, меѓутоа, неодамна го укина мораториумот за промени во 31 ДУП. Во изминативе три години општинските власти успеале да ги ревидираат само осум од сите нив. Сега со оваа одлука, ќе може да се гради врз основа на ДУП-овите кои тогаш беа на сила, но беа ставени во мораториум. Досегашниот ДУП , кој сега е во сила, на овој простори предвидува изградба на три шеесет катници. Тоа сега го отвора прашањето дали сопствениците на просторот ќе побараат нивна градба. Сопственици на просторот од околу десет илјади метри квадратни се фирмата „МГ Фешн“ и Македонската православна црква преку фирмата „Обновители“.

-Без разлика на се, општина Центар ќе продолжи со ревидирање на плановите но, и да инсистира во спроведувањето на плановите да се спроведат заложбите за кои ние како општина се залагаме, ни рече градоначалникот Богдановиќ.

Претходна вестПолицијата и на Прочка не простувала кршење на забраната за движење
Следна вестОд „играчка“ до „плачка“ со џипот „БМВ“ многу е мала границата