Боки 13 доби тужба од Јанева за 22 неовластено снимени фотографии, рочиштето одложено

Одложено е денешното рочиште по тужбата на поранешната шефица на СЈО Катица Јанева против Бојан Јовановски – Боки 13 во која таа го обвинува за неовластено снимање на 22 фотографии. Причина за одложувањето е хоспитализацијата на Боки 13 поради хируршкиот зафат кој што неодамна му беше извршен. Следното рочиште е закажано за 19 октомври. До тогаш се очекува Јовановски да закрепне и да се врати во затворот во Шутка. Инаку, на денешното рочиште не се појави ниту Јанева која сега е во куќен притвор во Гевгелија.

Тужбата е поради фотографијата која беше презентирана како доказ во предметот „Рекет” по вештачењето на мобилниот телефон на Боки 13 во истиот предмет, на која се гледа Јанева со пари, а која наводно ја снимил Јовановски.

Адвокатот на Јанева, Дељо Кадиев, изјави дека било направено неовластено снимање и фотографирање, кое потоа се користело за свои цели.

– Катица поднесе тужба откако увиде дека во телефонот на Бојан има снимки од нејзиниот приватен живот со кои се нарушува и принципот на заштита на приватност. Предвидена е казна од три месеци затвор, но не е тоа поентата. Катица ценеше дека е земен преголем замав, дека се снима неовластено и потоа се користи за свои цели. Станува збор за 22 фотографии кои се наоѓаа во телефонот на Бојан. Не поднесовме за повеќе, иако имаше повеќе фотографии и снимки. Направени се на повеќе места, претежно во домот, но има и во ресторан. Сите фотографии беа дел од „Рекет“ – изјави по рочиштетот Кадиев.

Претходна вестБензините поевтини за еден денар
Следна вестВо среда пак прскање на комарците, ќе биде ли успешно?