Брат и сестра обвинети за напад и повредување на полицаец

Физички напад и нанесување на повреда на полициски службеник е причина за поднесување на Обвинение против две лица, брат и сестра од Скопје од страна на Основното јавно обвинителство Скопје. Во обвинението доставено до Основниот кривичен суд Скопје тие се товарат за Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 2 во врска со став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Обвинетиот 21-годишник и неговата 22-годишна сестра, како соизвршител, на 20 јануари во вечерните часови, нападнале и повредиле службено лице – полицаец кој извршувал работни задачи врз основа на наредба на подрачјето на полициските станици Бит Пазар и Чаир.

-Притоа, полицискиот службеник заедно со уште еден негов колега се обиделе да го легитимираат обвинетиот, кој им кажал дека нема лични документи со себе и започнал вербална расправија со нив. Кога му било кажано дека ќе биде приведен во полициска станица со цел утврдување на неговиот идентитет, обвинетиот започал да пружа активен отпор и се дал во бегство. Кога полицаецот го стигнал и го совладал, обвинетата се обидела да му помогне на својот брат, па му задала неколку удари и гребаници на полицискиот службеник. Во тој момент и обвинетиот повторно започнал да го удира полицаецот со тупаници по главата и градите, нанесувајќи му телесни повреди, се наведува во обвинението.

Претходна вестПроф. Силјановска: Директорот на Статистика шири дезинформации за казна од 5 години затвор
Следна вестШестмина починати, 63 инфицирани и 573 оздравени од корона вирусот