Нов успех забележа талентираниот математичар 9-годишниот Македон Димитровски откако освои нов златен медал на есенскиот дел од светскиот натпревар „Математика без граници“ на кој учествуваа околу 4.000 натпреварувачи од повеќе земји. Натпреварот го организира Асоцијацијата на математичари од Несебар, Бугарија, а се одржа онлајн при што од Македонија учествувале 30 ученици. Овој натпревар има три елимианциони круга – есенски, зимски и пролетен по што најдобрите ученици се натпреваруваат во финалето. Финалето вообичаено се одржува во Несебар.
Неговиот татко Владимир Димитровски изјави дека на на овој натпревар имало 23.000 учесници од 29 земји.
-Со освојувањето на златото, Македон доби директен влез во суперфиналето, кое се одржува налето. И претходно има учествувано на „Математика без граници“ и имаше пет медали, бронзени и сребрени. Драго ми е што овојпат стаса до злато. Никогаш нема да ги заборавам неговиот израз на лицето и насмевката кога излезе од училницата по натпреварот, изјави Димитровски.
Неодамна, Македон го доби златниот медал од финалето по математичкиот натпревар „Кенгур 2023“, што се одржа на Машинскиот факултет во Скопје.
До минатата година, Македон учеше во основното училиште „Лирија“ и живееше во Тетово. Оваа учебна година доби стипендија и продолжи во приватното училиште „Нова“ и со семејството е преселен во Скопје. Тој веќе говори повеќе јазици, меѓу кои германски, англиски, кинески и арапски, а решава математички задачи наменети за втора година средно образование.