Бројот на работници во индустријата се намалил за 4,9 отсто, а администрацијата расне, расне…

Бројот на работниците во индустријата во октомври годинава во Македонија, во однос на октомври минатата година, е намален за 4,9 отсто, а во периодот јануари – октомври годинава, во споредба со истиот период лани за 4,7 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Податоците покажале дека најголемо опаѓање на бројот на вработени по сектори има во „преработувачката индустрија“ каде што намалувањето изнесува 5,3 отсто, по што следи секторот „Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“ со опаѓање од 1,6 отсто, а во секторот „Рударство и вадење на камен“ се бележи опаѓање од 0,9 проценти. Кога се во прашање главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во октомври годинава, во однос на октомври лани, бележи опаѓање кај „енергија“ за 1,4 проценти, „интермедијарни производи, освен енергија“ за 6,03 отсто, „капитални производи“ за 4,1 отсто, „трајни производи за широка потрошувачка“ за 4,9 отсто и „нетрајни производи за широка потрошувачка“ за 5  отсто.

Опаѓање на бројот на работниците било констатирано и во периодот јануари – август 2019 година – јануари-август 2020 година од 4,7 проценти.

Значи, очигледен е трендот со кој во Македонија се намалува бројот на индустриските работници. Но, за жал, тоа ни од далеку не е таков случај со бројот на административците во земјава и покрај најавите дека таа ќе се намали за 20 проценти. Податоците за бројот на вработените во јавниот сектор во државата што ги објавува Министерството за информатичко општество, а што ги пренесуваме, покажуваат обратен тренд: во 2019 година плата од државен буџет примале 132.900 вработени, во 2018 – 132.068, во 2017 – 128.722 вработени…  Односно, секоја година има се повеќе административци.

Ако нема работници во индустријата, кој ќе заработува за да земаат плати во администрацијата? Или Македонија ќе биде прва земја во светот каде вработените се само во администрацијата, а другите…

Претходна вестМицкоски најави кратка блокада на објектите на Владата и на МНР
Следна вест32 лица починале од вирусот, 336 новоинфицирани, 544 оздравени