Четири нови случаи на голема кашлица се евидентирани во земјава. Со ова, како што информира портпаролот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ, бројот е зголемен на 22 од почетокот на годината. Од Комисијата за заразни болести вчера предложија прогласување епидемија на територијата на град Скопје. Предлогот го оправдуваат со растот на бројот на заболени, каде што во Скопје, вчера имаше 14 потврдени случаи.
Претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски, исто така рече и дека се препорачува забрана за прием на невакцинирани деца за пертусис во градинките.
Оваа препорака ќе важи и за децата кои веќе одат во градинка, но и за оние што првпат ќе се запишуваат.
Заразноста од голема кашлица не е долга, трае околу пет-шест дена. Инкубацискиот период може да се движи од седум дена до 21 ден.
Надлежните сепак велат оти кај нас состојбата е стабилна и за разлика од други држави во регионот, немаме смртни случаи.
Злате Мехмедовиќ, портпаролот на Комисијата за заразни болести, рече дека сите 18 случаи во Македонија се засебни, што е оправдание да се прогласи епидемија на територијата на град Скопје за да нема кластери во едно семејство или домаќинство.
Според календарот за имунизација од 2023 година, вакцина за пертусис се прима во вториот, четвртиот и шестиот месец од раѓањето на бебето. Потоа, ревакцина се прима и кога детето има 18 месеци, а и на 7-годишна возраст.