Нека стане Бочварски и нека каже кога ќе биде готов патот Кичево – Охрид

Не сакаме да ве изнервираме, ама мора да прашаме – кога ќе е готов патот Кичево – Охрид? Темата и нас ни е смачена, но ете самите настани ја наметнуваат.

Вчера делницата ја посети министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и како да произлезе дека рокови за завршување на патот веќе да не постојат, а требаше вече да е завршен. Не се знае ниту колку препроектирања ќе треба да има на се уште незавршениот автопат. Не е јасно и колку пари ќе се потрoшат.

Ова произлезе од обиколка на министерот и градежните експерти на автопатското градилиште. На лице место се виде дека работите се далеку од завршени, дека покрај досегашните 11 свлечишта сега се појавија уште две, дека тони и тони земја од ридовите се истуриле на направените делници и кои сега ќе треба да се расчистуваат, дека ќе треба да се прави систем на заштита, дека не било извршена добра проверка на почвата на ридовите…

-За секое од овие 13 свлечишта е потребна дополнителна техничка документација. Голем дел од свлечиштата беа и два пати проектирани, но повторно се јавија и за некои ова е трет пат, изјави вчера Бочварски.

сето ова значи дека ќе помине и многу време и дека ќе чини многу пари. Директорот на ЈП за државни патишта  Ејуп Рустеми рече дека од вкупните средства предвидени за автопатот, од речиси 600 милиони евра, до сега се потрошени 420 од првиот кредит, а на располагање се 178 милиони евра од вториот. Дали ќе бидат потребни дополнителни средства ќе се знае откако ќе бидат направени сите дополнителни пресметки за новите свлечишта.

Сите оние од претходните власти кои до сега велеа дека првичниот проект е во ред, а и оние кои потоа ветуваа дека до крајот на декември лани целосно ќе биде завршен патот, сега можат да и погледат на вистината во очи. Владата на ДУИ и СДСМ правеше промени, имаше време доволно и вети дека патот сигурно ќе биде готов до крајот на 2023 година. Ковачевски кога беше премиер дури на еден митинг и силно викна пред насобраните луѓе: „стани Бочварски, еве го тука, стани Благоја да те видат сите, дајте му поддршка, затоа што јануари 2024 година по тој пат мора да се вози со автомобили од Кичево до Охрид дека ти се одговорниот патот да биде готов до почетокот на 2024 година“.

Сега е време Бочварски да стане и да каже кога ќе биде готов овој веќе „легендарен“ пат. Потребни се уште една, две, три години…, колку да чекаме?

Претходна вестЕУ ќе и додели на Турција 400 милиони евра за санација на последиците од ланските земјотреси
Следна вестБројот на заразени со голема кашлица расте – четири нови случаи се регистрирани во Македонија