Во автобусот имало и втор возач, но засега не е познато дали е тој меѓу преживеаните. Направен е распит со повредените, но само двајца можеле да дадат изјави, додека останатите се во шок, изјави денеска директорот на бугарската национална служба за истрага Борислав Сарафов кој одржа прес-конференција на самото место на трагедијата на автопатот Струма, заедно со државниот обвинител од Македонија Љубомир Јвески и обвинителката Вилма Русковска.
Од она што е досега познато според Сарафов, на ова патување имало четири автобуси на истата фрма кои не возеле во конвој туку на оддалеченост од 15 до 20 минути.
Направен е распит на преживеаните кои се во болницата во „Пирогов“, но само двајца од нив дале исказ, додека останатите биле во шок и не се во состојба да сведочат. Сарафов рече дека има и очевидци на несреќата и со нив ќе се разговара.
На прашањето, дали во автобусот имало дополнително горивво како што објавија некои медиуми, Сарафов рече дека не му е познат таков момент.
Државниот обвинител на Македонија Љубомир Јовески рече дека македонските оргаи ќе ги обезбедат сите документи што ќе ги побараат бугарските истражни органи и преку соработка ќе се дојде до разјаснување на околностите за трагедијата и ќе се помогне во идентификација на жртвите.
Од Канцеларијата на главниот обвинител на Бугарија соопштија дека ќе се води само една истрага и тоа во Бугарија во соработка со македонските институции.
Обвинителката Вилма Русковска рече дека на самото место на несреќата е и сопственикот на компанијата „Беса транс“ со кого таа разговарала, но истакна дека повеќе верува на документи отколку на изјави.