Иако власта најавуваше многу градење во патната инфраструктура, а и велеше дека многу гради, Македонија сепак кубури со квалитетни патишта.
Но, не кубуриме со патарини. Ги имаат толку густо насадено по патиштата што просто човек не може да смени до шеста брзина во возилото, а еве ти нова патарина и треба да се кочи и да се плати.
Едноставно, возачите плаќаат, патишта нови не се градат. Судбини, Македонски!
Ама не е се така црно, барем на патарините се вработуваат многу луѓе. Што би рекле од власта – рекордно се намалува невработеноста во земјата.
Па така пред неколку дена јавното претпријатие ,,Државни патишта“ објави дека се вработиле 143 лица кои ќе наплаќаат патарина. И многу се внимавало кој ќе биде избран. На огласот за 143 вработувања, беше предвидено на неопределено време да се вработат 66 Македонци, 58 Албанци, деветмина Турци, петмина Роми, еден Влав, двајца Бошњаци и уште двајца од други националности.
Кога вака прецизно ќе кажат што изградија за време на своето владеење? Не е доволно она што го кажуваше дури и преку реклами доскорешниот премиер Димитар Ковачевски дека изградиле 1300 километри патишна низ Македонија. Нека ни посочат точно каде се изградени, за да ги видиме, па и да се израдуваме, како што се израдувале нововработените во патарините.
Инаку, за потсетување: Ланската година требало да заврши со рекорден приход од 62 милиони евра од наплата на патна такса.