Четири дена IT-експертите во министерствата за здравство и образование не можат да се справат со нападот од Анонимусите

„Оваа страница е недостапна“ ваков натпис се појавува ако се обидете да влезете на веб страниците на министерствата за здравство и за образование. Четврти ден како двете страници се блокирани и недостапни, а одговорноста за тоа ја презедоа т.н. македонски Анонимуси.

Кога пред 4 дена се случи нападот, Анонимуси испратија ваква порака:
-Пак ние. Овој пат најбедното министерство е наш таргет, министерството за смрт. После сѐ што видовме со наши очи не можеме, а да не останеме гневни на сите тие синови и ќерки ставени на позиција да водат Министерство за здравство каде што здравјето и животите на сите тука ни зависат. И покрај сите гневни пораки сега ќе испратиме и една добра: за сите медицински лица кои во моментов се во болниците и се борат 24/7 за сите Македонци заболени со ковид-19, ви спуштаме капа и ви се поклонуваме до земја. Секоја чест, се вели во напишаното.

На сајтовите на двете министерства првиот ден од нападот се појави и веќе видената фотографија на Анонимусите – кога ноќта на изборите беше хакиран сајтот на агрегаторот Time.mk.