Четири романи во најтесен избор за наградата „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски („Три“), „Писмо за Глорија“ од Живко Грозданоски („Или или“), „Столб што пее“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“) и „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од Влада Урошевиќ („Арс Либрис“) влегоа во најтесен избор за наградата „Роман на годината“ за 2022.
Ова е трета селекција на жири-комисијата во состав: Симона Јованоска (претседателка), Гоце Ристовски, Илир Ајдини, Сашо Кокаланов и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата), кои оценуваа 35 романи што годинава пристигнале на конкурсот.
Жирито ќе го соопшти името на лауреатот на прес-конференција на 15 март во 12 часот во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје.
„Роман на годината“ годинава се доделува по 24-ти пат, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.