Чибишев: Нема да изненади ниту ако се потврдат шпекулации дека власта ги крие бројките на новозаболени

Власта срамно се поигрува со здравјето на граѓаните, а ние сме сведоци на влошување на сите параметри кои не водат кон епидемиолошка катастрофа со несогледиви последици, предупреди на денешната конференција за печат д-р Андон Чибишев од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека ситуацијата со корона вирусот целосно излезе од контрола, а Министерството за здравство, Комисијата за заразни болести и надлежните институции засега немаат решение за неконтролираното влошување на состојбата.

-Но, затоа знаат со голема леснотија да го менуваат бројот, односно да го зголемуваат бројот на новозаболени во едно деноноќие. Нема да изненади ниту ако се потврдат шпекулации дека власта ги крие бројките на новозаболени, истите ги дозира, а целта е таа – да не се остави впечаток дека нема услови ниту на 5 јули да се одржат избори. Со тоа ќе се исполнат инструкциите да се креира лабава атмосфера на новото нормално, потенцира Чибишев.

Според него, Македонија сега има најмногу заболени и починати од Ковид 19 на милион жители од сите држави во најблиското опкружување. Тој укажа дека на сето ова, во јавноста излегуваат неодговорни политичари и не убедуваат дека ситуацијата се стабилизира и вирусот слабее, и дека сега е моментот кога треба да одиме на избори!

-Тоа се опасни и крајно несериозни тези кои за кратко време можат да не доведат во многу тешка ситуација каква што гледавме во некои европски држави! Очигледно е дека Комисијата за заразни болести, наместо да работи и делува независно и стручно, работи по диктат на политичарите носејќи мерки и одлуки кои се менуваат на дневна основа и предизвикуваат несигурност кај граѓаните, нагласи Чибишев.

Претходна вестСекој четврти активен случај на вирусот во Скопје е од Чаир
Следна вестСе судриле мотор и велосипед на Водно, двајца се тешко повредени