Чибишев: Нема повеќе каубојски вработувања на Токсикологија, осумнаесеттемина со истечени договори си одат

На Клиниката за токсикологија повеќе нема да работат осумнаесетте лица со истечени договори, а ќе биде распишан конкурс за нови вработувања кои нема да се прават „каубојски“, најави денеска Андон Чибишев, новиот директор на оваа здравствена институција.

Тој оцени дека во изминатиот период Клиниката била доведена во ситуација на организациски и кадровски колапс, а тоа во моментот уште повеќе ја отежнува состојбата бидејќи е период на годишни одмори.

-Најголем проблем ни е кадровската екипираност за да одговориме на предизвиците. Во изминатиот период тука имавме вработено 18 лица, кои работеа неколку месеци со истечени договори. Тоа внесуваше немир и конфликти меѓу вработените. Се даваа информации дека имаат договори за вработување благодарение на добиена согласност од Министерство за финансии, но таква согласнот не постои, рече Чибишев.

Според него, има документ од април 2024, во кој пишува дека Министерството за финансии се прогласува за ненадлежно за одлучување за согласност за вработување бидејќи се бара за време на избори. Истовремено, и Антикорупциската комисија ги има оспорено таквите договори, а оспорени се и од Државниот санитарен инспекторат по две основи. Едниот е дека барањето за вработување е за време на избори, што е спротивно на одредбите од Изборниот законик, а второто е затоа што не се потпишани од двајцата директори.

Рече дека осумаесеттемина што работеле на Клиниката биле манипулурани со лажни ветувања дека ќе бидат вработени, незаконски престојуавле во институцијата со невалидни договори, а што е уште потрагично – добивале и плата.

-Исплатена е една и пол плата, со што буџетот на Клиниката е оштетен за речиси 650.000 денари. Тоа е значајна сума за нашата институција, секој денар е важен. Целиот случај го документирав и ќе биде процесиран до надлежните државни институции, рече Чибишев.

Недостиг на кадри има на сите нивоа – доктори, сестри, болничари, хигиеничари, лаборанти.

-Ќе ни требаат 15 луѓе од сите профили. Не се примаат доктори. Добар дел од оние што дојдоа и беа надежни ја напуштија клиниката. Сведени сме на 15 доктори, процентот на старост е над 50 години. Ни требаат млади, нови  кадри, кои можеме да ги обучиме. Некој треба да продолжи да работи и да ја држи институцијата на ниво. Уште денес ќе поднесеме барање тоа да се процесира и да добиеме согласност. Ќе распишеме конкурс, каубојски вработувања веќе нема да има. Ќе се вработуваат сите според законите на оваа држава, потенцира тој.

Претходна вестМизрахи: Разрешени девет директори во клиничките болници, за останатите пет се очекуваат законските предлог-измени
Следна вестПриватните превозници во јавниот градски превоз во Скопје до петок ќе возат само до 10 часот изутрина