Чиј отпечаток е врз пропустите кои ги предизвикаа скапите фингерпринт апарати?

Првиот круг од локалните избори заврши, една од главните улоги ја имаше и и техниката односно фингерпринтот. Чести проблеми, загубено време, турканици и нервози кај граѓаните и кај избирачките одбори создаде вчера употребата на уредите препознавање на отпечатоците од прстите на гласачите. Зошто се дозволи да случи тоа?

Апаратите кои за првпат се употребуваа на нашите избори и за кои се потрошија десетина милиони евра не ги препознаваа отпечатоците на показалците на дел од гласачите, постапките мораа да се повторуваат, апаратите се кочеа, врските се прекинуваа… Поради тоа на некои избирачки места гласањето мораше да се продолжи, на други мораше да се користат УБ-ламби и спрејови за бележење на лицата кои гласале, имаше збунетост кај избирачките одбори.. а сето тоа фрли сенка врз сите кои го организираа изборниот процес.

-Два пати доаѓам за да гласам. Првиот пат си заминав поради големата гужва бидејќи не работел фингерпринтот. Сега се вратив и пак гледам гужва ама ќе бидам упорен. Некои не се упорни и се откажаа од гласање што не е добро, ни истакна гласач во Аеродром кој гласаше во ОУ „Љубен Лапе“.

Очигледно беше дека користењето на овие апарати за биометриска идентификација на гласачите не беше уиграно, посебно кога станува збор за врската меѓу избирачките одбори и базата на податоците која што ја има МВР. Зошто е тоа така, и покрај тврдењата дека се било најдобро подготвено за гласањето, надлежните треба да одговорат во наредните денови.

Првиот човек на ДИК Александар Даштевски вчера објасни дека проверките на отпечатоците оделе побавно бидејќи „една четвртина од отпечатоците кои ги добиле од МВР биле со лош квалитет“. Ако се знае дека на гласањето вчера излегле околу 900.000 гласачи тогаш таа бројка на отпечатоци со лош квалитет е голема – околу 225.000! Но, уште позагрижувачки е тоа што сега на виделина излегува дека МВР има база со лош квалитет на отпечатоците!? Дали тоа значи дека оригиналните отпечатоци биле лошо направени од припадниците на МВР при вадењето на личните документи од страна на граѓаните треба да кажат надлежните од овој ресор. Поразително би било сега да се дознае дека МВР во базата има отпечатоци кои се практично неупотребливи. Како тогаш ќе им помага таа база во случај на потраги по сторители на разни кривични дела?

Вакви пропусти треба што побрзо да се исправат и да не се повторат во вториот круг на гласање. МВР треба да ја преиспита базата, а ДИК да се погрижи конекциите меѓу гласачките места и базата со отпечатоците да функционираат беспрекорно.  

 

Претходна вестПрилепчанец со автомобил удрил во четворица пешаци
Следна вестИ малиот одзив е сериозна порака до партиите