Црна Гора ќе го следи примерот на другите држави од ЕУ и на Швајцарија и ќе овозможува влез на нејзина територија на македонски граѓани кои имаат пасоши со старото име Република Македонија доколку тие се валидни. Ова денеска го соопшти Бујар Османи, министер за надворешни работи кој рече дека такво известување е добиено од Црна Гора.
Информацијата Османи ја сподели денеска на прес-конференција и рече дека претходно разговарал со својот црногорски колега на конференцијата во Анталија. Претходно, Црна Гора имаше донесено одлука да не ги признае старите пасоши.
– Швајцарија има донесено јасна одлука во која што вели, за нас документите се валидни. Така што, Црна Гора веќе нè извести дека ќе ги признаат, односно ќе ги прифаќаат пасошите со старо име доколку се валидни. Меѓутоа, мислам дека се тоа мерки со цел да се олесни овој транзициски период. МВР не треба да се води по тоа да најде алиби или да најде некое решение кое што ќе ја одложи примената. Дајте да се фокусираме на подобра организација на системот, на помалку парадирање, на помалку политиканство, туку на подобра организација со цел да се зголеми бројот на издадени пасоши на граѓаните. Ако можеме ние да помогнеме како МНР, тука сме да помогнеме, рече Османи.
Во врска со реакциите дека ние сами како држава сме си ги укинале пасошите, односно дека секаде нè пуштаат со стариот пасош, а со нив не можеме да излеземе Македонија, министерот Османи рече дека МВР пред неколку години го донесе законот дека на 12 февруари 2024 патните документи со старото име стануваат невалидни, а во функција на спроведување на Уставот.
– Тоа било веројатно во функција на имплементирање на Уставот, бидејќи во Уставот членот 118 вели меѓународните договори ратификувани во нашето Собрание кои се дел од внатрешниот правен поредок не може да се сменат со закон. Тоа значи и да ја немаше таа законска измена сепак Уставот е тој што е над законите. Така што, имаше веројатно причина зошто МВР има донесено такви решенија, но мислам дека сега е време да се организираме. Тоа е клучниот збор, да се организираме за да им излеземе во пресрет на граѓаните, рече Османи.