Црвениот домат во струмичко нема да се откупува по цена помала од 30, а розевиот од 35 денари

Заедно со земјоделците и откупувачите договоривме откупната цена на доматот да не биде под 30 денари, односно 35 денари за розевиот домат, најави денеска заменик-министер за земјоделство Цветан Трипуновски, откако производителите од Струмичко три дена протестираа за ниските откупни цени.

Во објавата на неговиот профил на Фејсбук тој наведе дека вчера разговарал со директорот на Државниот земјоделски инспекторат.

-Во име на сите граѓани на Република Македонија дадов налог да се проверува се што влегува во Република Македонија како храна, овошје и зеленчук, се со цел да ги превенираме сите они ситуации кои ги имавме изминативе години, а тоа е влез на неквалитетна и небезбедна храна. Таа обврска веќе од денес стартува на сите гранични премини во Република Македонија, нагласи Трипуновски.

Тој објасни дека откупувачите дале цврсти гаранции дека од понеделник идната недела, откупната цена на црвениот домат нема да падне под 30 и на розевиот домат под 35 денари.

-Се договоривме ова да не биде само декларативно, да ги објават цените и да не откупуваат, туку навистина да тече откупот согласно предвидениот план и динамика и да се превземаат количини од производителите, рече Трипуновски.

Од Министерството за земјоделство најавија дека деновиве ќе се интензивираат и контролите од инспекциските органи за да нема манипулации на терен.

Претходна вестАфрим Гаши избран за претседател на македонското Собрание, порача дека минатото е добра тема за историчарите, но не и за политичарите
Следна вестВо март 79 отсто од потрошената струја од домашни извори