Африм Гаши избран за претседател на македонското Собрание, порача дека минатото е добра тема за историчарите, но не и за политичарите

Со 76 гласови „за“, 6 „против“ и без „воздржани“ Африм Гаши од коалицијата „Вреди“ е избран за нов претседател на македонското Собрание.

Против изборот на Гаши гласаа пратениците на „Левица“ по што ја напуштија собраниската сала, додека пак пратениците од коалицијата „Европскиот фронт“ предводена од ДУИ не беа присутни во салата.

Во неговиот говор, откако беше избран за претседател на законодавниот дом, Гаши истакна дека ќе се погрижи да овозможи на секој пратеник да му се гарантира право на изразување.

-Мојата единствена припадност ќе биде ниту еден пратеник да не биде дискриминиран. Ќе го гарантирам правото на личен став и говор како кај пратениците од власта, така и кај оние од опозицијата, рече Гаши.

Тој додаде дека ќе сака да докаже дека парламентот е најдобрата слика на ова општество, или Северна Македонија во минијатура.

-Како претседател ќе се погрижам нашето оптешство да процвета низ слободата на изразување. Имаме Собрание, нов парламентарен состав и мнозинство кое ќе го состави новата Влада. Пред нас се отвора нова перспектива. Да го сопреме егзодусот на младите. Јас сум голем оптимист, дека можеме да вратиме многу наши иселеници, ако ги исполниме ветувањата за кревање на животниот стандард. Дебатата за минатото не е дискус кој треба да се развива од политичарите, а најмалку за пратениците. Минатото е добра тема за историчарите, но не и за политичарите. Од нас се бара да ја подобриме иднина и да зборуваме за иднината, а не за минатото. Ако зборуваме само за минатото, нема да имаат корист нашите граѓани. Затоа треба да се соединиме околу општите барања на граѓаните. Реформи во образованието, заштита на семејството и заштита на  животната средина. Имаме многу точки кои не обединуваат, и ова е добра можност. Имаме многу малку наратив кој не разделува. Уште еднаш да ви се заблагодарам на поддршката, да бидеме во служба на граѓаните без разлика на етничката, верската и национална припадност“, рече Гаши и седна на местото претседател на Собранието.

Гаши е поранешен претседател на партијата Алтернатива која е дел од коалицијата „Вреди“. Тој беше предложен за претседател на Собранието со потписи од 75 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата „Вреди“ и Движењето ЗНАМ.

Во Собранието, претходно во рамки на конститутивната седница беше усвоен извештајот на Верификационата комисија и со тоа беа верифицирани мандатите на 118 пратеници.

Претходна вестСилјановска-Давкова за венецот без името на државата: Немаше место за подолг напис, мислев дека може „РС Македонија“
Следна вестЦрвениот домат во струмичко нема да се откупува по цена помала од 30, а розевиот од 35 денари