Д-р Беќаровски бара извинување од министерот Демири: Дегутантно е да ми се инпутираат било какви национални навреди

Извинување за нанесената повреда на чест и углед од министерот за здравство Илир Демири вчера побара д-р Нико Беќаровски, доктор од Клиниката за токсикологија. До ова доаѓа откако на Фејсбук страната на Министерството за здравство беше објавено дека е разрешен медицинскиот директор на клиниката д-р Данил Петровски но и беше објавен и документ во кој имаше сериозни обвинувања до докторот Нико Беќаровски, дека наводно ги навредувал вработените по национална основа.

По ова се огласи докторот Беќаровски. Тој во коментар на објавата на министерството, директно му се обрати на министерот за здравство, Илир Демири.

-Искрено се надевам дека објавата е без Ваше знаење и одобрение, бидејќи со истата ми нанесовте несогледлива штета на мојот углед, базирана на лажни изјави, на незаконски архивиран документ, на кој не стои ниту едно име, за која ќе следува соодветна судска тужба кон инволвираните. Инпутирање на било какви национални навреди е најблаго речено дегутантно. И јас, впрочем како и Вие, секогаш сум бил исклучиво поборник за максимален професионализам, базиран на квалитет и мерит систем, без никакви други предрасуди.

Најколегијално, Ве замолувам во следните 24 часа јавно да се оградите од оваа несреќна објава на сајтот и да ми се извините за нанесената повреда на мојата чест и углед. Воедно Ве поканувам во текот на идната недела да ја посетите УК токсикологија и да остварите состанок со Стручниот колегиум на Клиниката, за заедно да ги продискутираме наталожените проблеми кои сериозно влијаат на квалитетот на здравствените услуги. Со должна почит и колегијален поздрав Проф. д-р.сци Нико Беќаровски, се вели во коментарот на Беќаровски.

Освен ова, денеска со допис се јавија и колегите на Беќаровски од Клиниката кои имаат засновано работен однос на неопределено време со потпишана изјава. Вработените ги демантираат наводите на колегите Албанци кои имаат истечени договори и не се повеќе вработени на Клиниката.

-Ние, Вработените од УК за токсикологија со редовен заснован работен однос на неопределено време во целост ги демантираме наводите изнесени со Изјава од 26.04.2024 година на групи лица без статус на вработени во клиниката, а кои се однесуваат за наводно кажани навреди против Албанци од Проф др Нико Беќаровски. Најостро реагираме и ги демантирамо информациите изјавени во неколку медиуми од Министерство за здравство и сме должни на јавноста да појасниме дека било какви навреди или притисоци на Албанци кои претходно беа ангажирани со договор за дело од страни на Проф.др Нико Беќаровски не се упатени. Доктор Нико Беќаровски е врвен професиналец кој повеќе од 10 години работи ургентна медицина и спасува човечки животи без разлика на етничката припадност или припадност на политичка партии, па поврзувањето неговото име со вакви невистини за политички цели е скандалозно и некоректно и поттикнува нетрпение по национална основа, стои во потпишаната изјава.

 

Претходна вестАпасиев со одговор за „дибеците“ кои го прашуваат како се носи со поразот
Следна вестНа патот Кичево – Охрид се судрија товарно и патничко возило, повредени три лица