Да можеше Универзална сала да зборува, што ли ќе му кажеше на Шилегов?

Универзална сала пак е ставена на лентата за брзи ветувања, а спори реализации на ветеното. Таква и е судбината подолго време.

Вреди да се разгледа идејата на архитектите Универзална сала да се гради на друга локација, изјави денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Неговиот став искажан за порталот СДК доаѓа по предлогот на Асоцијација на архитекти на Македонија овој култен објакт за градот Скопје да се дислоцира од сегашната локација и сосема новиот објект да се направи на друго место на градското подрачје.

– Ќе побарам средба со претседателот и претставници на Асоцијацијата на која ќе ги разгледаме и ќе дискутираме за сите предлози и опции каде да се гради новата Универзална сала, рече градоначалникот Петре Шилегов.

Неодамна беше пренесено мислењето на Мартин Пановски, претседател на Асоцијацијата на архитектите дека она што се бара во програмата на новата Универзална сала е преобемно за оваа локација.

-Станува збор за густо изграден дел од градот. Од булеварот „Партизански одреди“ нема да може да се изведе влез во подземен паркинг а улицата „29 Ноември“ која е тесна, со две сообраќајни ленти не може да ги задоволи потребите за пристап кон ваков тип на објект, рече Пановски.

И така, Универзална пак не почнува да се реновира како што беше ветено, туку ќе се прават нови планови. Очигледно, расположението кај скопскиот градоначалник покажува дека постои и подготвеност култната скопска сала да ја смени локацијата. А тоа ќе значи ново пролонгирање на времето кое беше предвидено граѓаните да добијат нова или реконструирана сала. Тој проект и ветување кое со години им се кажува на скопјани од сите досегашни власти никако да се оставри.  

Приказната со нејзината обнова и промена на изгледот почна уште во 2013 година. Тогаш, во време на градоначалникот Коце Трајановски и на министерката за култура Елизабета Канческа, беше актуелен проект таа да се урне и изгради нова во форма на јајце. Но, во 2016 тој проект се откажа од финансиски причини. и се најави проект со реконструкција на постоечкиот објект со доградба на застаклена галерија.

По доаѓањето на Шилегов со тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски беше потпишано „писмо за намери“ во 2018 година за нејзина обнова. Но и тоа не се оствари. Во меѓувреме, се редеа неколку најави од Шилегов дека ќе се почне со нејзината реконструкција. Во мај 2018 имаше најави дека реконструкција следи во 2019 година. Последното ветување е од април годинава кога тој рече дека проектот за Универзална сала годинава ќе се реализира и од причина што Скопје е кандидат за европскиот град на културата во 2028 година. Претходно, во декември минатата година беше најавено дека изградбата на нова Универзална сала ќе започне веднаш во јануари годинава. Се најави и дека ќе биде распишан конкурс за идеен проект бидејќи два проекта кои веќе постојат не се добри…

Значи, ветувања до ветувања, се она што постојано го служаат скопјани, а Универзалната сала никако да се направи. Ако сега се прифати дислокација тоа сигурно ќе значи нови години и години одлагање потребни за промени во ДУП-овите, обезбедување на финансии, избори на проекти за кои и салата ќе стане премала…

Некако се заликува како купување време, да се протера мандатот, а за Универзална и други да му ја „мислат“и „планираат“… 

Претходна вестВладата сака ли граѓаните да гледаат црн ТВ екран или да си имаат програми?
Следна вестФилипче: Ќе се објавуваат имињата на оние кои не ги примаат решенија за самоизолација