Низ навистина тешки моменти поминува дебарската родилка Јилдиз Веапоска. Во лавиринтите на државните институции си ја бара правдата откако при подорување и биле извадени матката, јајник и бубрег.
Ќе почне ли поконктерно на виделина да излегува вистината? Случајот е застрашувачки. Вчера, конечно министерот за здравство Венко Филипче реши да формира петчлена стручна комисија која во рок од осум дена ќе треба да изврши надзор и се надеваме дека ќе каже зошто и биле извадени трите органи.
До нејзиното формирање доаѓа откако во јавноста се појавија нови детали од овој случај. Со согласност на пацинетката се објави извештајот за надзорот кој го извршила комисијата од Лекарската комора на Македонија. Од него се виде скандалозниот факт дека докторот Мухамед Асани кој ја породил Веапоска воопшто не знаел од кој пол е новороденчето. Во извештајот на Лекарската комора тој изјавил дека породил машко дете. а сепак нејзиното дете е женско!?.
–Гледам дека доктор Мухамед Асани воопшто не знае со што сум се породила, така што јас го прашувам него и се запрашувам, дали тој учествувал во текот на операцијата на царскиот рез или пак учествувал само неговиот син кој беше специјализант кога ме оперираа мене, изјави вчера Веапоска.
Од друга страна, во извештајот пишува дека кај родилката настапило крварење од артерија на левата страна, па затоа морале да го вадат и бубрегот. ,,Со оглед на тоа што крвниот сад не можел да биде реконструиран, оперативната екипа била принудена да направи левострана нефректомија” пишува во извештајот од Лекарската комора кој содржи 10 страници.
Прашањето кое што се отвора сега е како се случило крварењето, дали имало повредување на крвен сад поради лекарска грешка…? Што е причината за вадењето и на другите органи?
И покрај ова, комисијата на ЛКМ во извештајот напишала дека при интервенцијата немало пропусти.
Овој случај мора да се расчисти и да не остане ниту една нејаснотија. Добро е што сега е формирана нова Комисија која одново ќе го разгледа случајот и ќе го даде свое мислење. Очигледно, и министерот за здравство, под притисок на јавноста, сака да се утврди дали ЛКМ постапила непристрасно. Сето ова треба да води кон утврдување на вистината, а во што своја улога треба да ја одиграат и другите органи како што е Јавното обвинителство. Само на таков начин може да се поврати загубената доверба во делови од здравствениот систем која ја предизвика овој случај.