„Зарем е можно?„ е најчестото прашање на социјалните мрежи откако од вчера скопјани ја споделуваат веста дека Град Скопје пристапува кон присилна наплата на годишен данок на имот и комунална такса за фирмарина за 2019 година. За најголем дел од нив кои не земаат редовно плата или пак останале без работа, паниката е најголема.
-Нели е се уште сериозна ковид ситуација, короната е уште тука, сопругот мој остана без работа, а мојата плата е 15 илјади денари, а имаме две деца… Сметките да ги платам, да обезбедам компјутер за онлајн учење на децава или да платам данок?! Немам ни за едно од трите, а да не зборуваме за сите заедно, пишува Милјана А.
-Пред избори тече мед и млеко, а сега настапуваат извршителите на сцена, коментира Влатко А.
-Да имаше подеднаков третман за сите граѓани и казни за оние што не ги почитуваат правилата во било која смисла се обложувам дека мнозинството ќе плаќаа се како што треба, струја, вода, даноци, немаше да има затајување, диви приклучувања, итн. Граѓаните знаат дека во системот е проблемот па затоа има неплаќачи и непочитувачи, вели Влатко Р.
За време на вонредната состојба Градот извести дека нема да има присилно наплатување на долгови. Прашањето е како ќе се извршуваат наплатите од луѓето кои навистина немаат ниту денар на сметките? Данок секако дека треба да се плати но во време на криза Град Скопје треба да најде побезболни модули за тоа од присилно наплатување.