Да се укине амнестијата за хашките случаи во Македонија, препорачува комесарката за човекови права на Советот на Европа

Да се поништи амнестијата за Хашките случаи во Макеоднија од 2012 година и да се истражат досиејата кои што беа трансферирани од Хашкиот трибунал на домашните судови, побара во писмо до македонската влада, Комесарката за човекови права на Советот на Европа Дуња Мијатовиќ.

Се работи за четирите хашки случаи „Водство на ОНА“, „Липковска брана“, „Гробница Непроштено“ и „Мавровски работници“. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ во 2012 година со гласање за автентично толкување на Законот за амнестија од 2002 година одлучија да престане кривичното гонење на одговорните за четирите случаи.

Мијатовиќ ги споделува клучните наоди и препораки од нејзиниот неодамнешен извештај „Справување со минатото за подобра иднина: Постигнување правда, мир и социјална кохезија во регионот на поранешна Југославија“. Во своите писма до премиерите на земјите-членки на Советот на Европа во регионот на поранешна Југославија, таа препорачува да се преземат конкретни чекори за справување со насилното минато и поодлучно движење кон социјална кохезија, правда и помирување.

– Да се ​​укине автентичното толкување од 2012 година на Законот за амнестија од 2002 година и да се истражат досиејата кои беа пренесени од страна на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија до домашните судови, потоа реформа на образовниот систем во насока на интегрирано образование за децата од различни етничките групи да делат заеднички часови, притоа зачувувајќи го своето право да учат на својот мајчин јазик, како и тоа да им се овозможи на младите луѓе да научат за конфликтот од 2001 година на објективен начин што дозволува повеќекратни перспективи, со осуда на сите злосторства и промоција на толеранција и отвореност, препорачува Мијатовиќ.

На македонскиот премиер таа му препорачува и одлучно да се осудат случаите на говор на омраза и меѓуетнички насилни инциденти, а да се промовира помирување и социјална кохезија меѓу различните етнички и религиозни групи. На крајот Мијатовиќ препорачува ратификување на Меѓународната конвенција на ОН за заштита на сите лица од присилно исчезнување.

Претходна вестИ до 500 луѓе ѕвонат во една секунда за да закажат за фотографирање за лични документи
Следна вестДенеска отворен ден во ЈП „Лајка“, повик до граѓаните да вдомат куче