Повик до граѓаните кои треба да вадат само лична карта, но и оние што веќе имаат закажано термин за фотографирање заклучно со декември, да не се јавуваат на телефонскиот број за да тој не се оптеретува, упати синоќа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
-Ве молиме за да не го оптеретуваме системот за приемот на повици, кој вчера достигнал до 500 телефонски јавувања во секунда. 500 луѓе ѕвонеле во една секунда за да закажат за фотографирање за лични документи. Затоа ве молам доколку треба само личната карта да ја менувате, во овој кризен период, да не ѕвоните, апелираше Тошковски во синоќешното гостување во емисијата „10 минути“ на ТВ 21.
Образложувајќи дека личните карти важат согласно датумот којшто е втиснат на нив без разлика дали истите го имаат новото или старото име, Тошковски рече дека тоа би значело дека секој еден пензионер ќе може да си извади пензија со важечка лична карта, а и секој што треба да се идентификува во некоја инстутуција ќе може да го направи тоа со личната карта што ја има. Министерот, исто така, рече дека за сите права кои се поврзани со денот на гласање, граѓаните ќе може да се обратат на избирачкото место на кое гласаат и да го остварат своето право без разлика дали личната карта е се старото или новото име.
Тој најави дека со до крајот на овој месец се очекува да стигне поголема пратка на обрасци за пасоши. Онаа количина на обрасци за пасоши, со која сега располага Министерството за внатрешни работи, како што рече Тошковски е доволна за да се задоволи издавањето само на мал дел од барањата кои се поднесени со итна постапка.
-Нема доволно обврсци во моментот за задоволување на потребите на граѓаните. Од она што го имаме може да задоволиме само мал дел од итните постапки. Обрасци нема затоа што наместо планирањето да биде на вкупен број на државјани кои имаат право на македонски пасош, планирањето било на вкупен број на присутни граѓани во земјата. Сега одиме со процес на молење на добавувачот да ни достави колку може порано, рече Тошковски.
Според него, со пратката која се очекува до крајот на овој месец, ќе се комплетираат 250 илјади обрасци, а наредната пратка, рече дека ќе биде кон крајот на јуни или почетокот на јули.