Да си посакаме сите функционална држава!

Колумна на Габриела Арсова:

Новата година е тука! Се ближи мигот на нови надежи, нови мечти, време на безбројни споделувања на желби за добро здравје, успех во кариерата, љубовта… Се присетив на една од многуте – Среќна Нова и се најубаво во неа! Се најубаво во неа… Долго размислував што си посакувам и што Ви посакувам во годината што иде. Бре вака, бре така… сите посакувања, за жал, ми базираат на зависноста од државните инструменти, државните органи, државната нефункционалност! Да! Сурова вистина!

И така…се сетив!  Во годинава што доаѓа ви посакувам многу здравје, многу љубов, многу лични успеси, а најмногу од се ви посакувам функционална држава во која мечтите ќе ви станат јаве!

Ви посакувам да се присетите дека државата тоа сме ние! Посакувам да се присетите дека политичарите се вашите соседи, роднини, а не некои таму некакви! Посакувам да се потсетите дека ние ги избираме нашите претставници во законодавниот дом! Посакувам да се потсетите колку сме зависни од функционирањето на Парламентот. Посакувам да се присетите дека тие постојат заради нас. Не ние заради нив! Посакувам да се присетите дека нашите народни претставници сериозно треба да се позанимаваат со нефункционалните, недоизречените закони и законски регулативи како би не извлекле од овој хаос!

Посакувам да се потсетите дека тие ги носат законските регулативи за да функционираме нормално и да се чувствуваме слободно! Од срце и душа посакувам да се потсетите дека нашите сограѓани кои не претставуваат во законодавниот дом се таму за да ни го прават животот удобен, организиран, па и среќен! Затоа ги гласаме! Сетете се колку често ги среќавате своите народни претставници! Сетете се колку ваши барања стигнале во законодавниот дом! (Чест на исклучоците) Немате ли чувство дека ние постоиме да ги избираме, а потоа… да сме живи и здрави  – до следните избори!

Ви посакувам една изборна единица, мнозински модел, посакувам избор на личности, посакувам Парламент полн најквалитетни претставници – пред се докажани професионалци, способни да носат закони! Посакувам да посакате пратеници кои имаат лични изградени позиции во општеството и кои дејствувањето во Парламентот ќе го имаат како императив во своите кариери, кои ќе го даваат најдоброто од себе за сите! (Дневница и патен трошок би биле сосема доволни, зарем не? Некои од нас паметат и такви времиња, нели?)

Посакувам парламентарци чија тежина е пред се измерена со нашите гласови, а не партиски како основа за квалитет! Посакувам парламентарците да се вслушуваат пред се во нашите потреби, посакувам да не се слепи послушници на партиите. Посакувам што ви посакувам да стане јаве! Посакувам да се потсетите што всушност значи Парламентот и ухххх –  кај ќе ни биде крајот! Убавини! Се тргнува од тука. Од Парламентарниот дом. И избор на Влада, и избор на Премиер, и Претседател, и носење на сите закони и законски регулативи! Се! Се! Се!

Да! Ви посакувам да се вслушате во себе си самите и… потсетете се! Среќна Нова!

 

Претходна вестВозачи аздисуваат по Скопје, време ли е за промени во обуката, во казните…
Следна вестДуќанџии заминуваат од ГТЦ, задоцнија помалите сметки за струја