Возачи аздисуваат по Скопје, време ли е за промени во обуката, во казните…

Автомобил качен на жардињера за средишно зеленило и откорнато високо дрво е глетка која скопјани синоќа можеа да ја видат на булеварот „Илинденска“. Кои се причините за несреќата се уште не е познато и ќе ги утврди полицијата.

Прексиноќа, пак, се случи вистински карамбол на булеварот „Партизански одреди“ кај Порта Влае. Се судрија повеќе автомобили, срушена е и една канделабра, а две лица се повредени.

Да набројуваме ли уште примери на слично сообраќајно дивеење во само последните десетина дена? Еве го само завчерашниот извештај за полициски контроли на скопското подрачје: изречени биле 189 казни од кои за возење под дејство на алкохол 73 санкции, 34 мерки за возење повеќе од дозволената брзина, 25 санкции за возење без возачка дозвола…

Очигледно, аздисување по скопските сообраќајници не се намалува. Возачите и натаму возат пребрзо, под дејство на алкохол, без да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Полициските контроли, по се изгледа, не можат да воспостават ред. Што дополнително да се преземе?

Секој ден се повеќе станува јасно дека некои работи мора да се менуваат во сферата на сообраќајот. За почеток, може да се менува почетокот на секој возач – кога полага за возачка дозвола. Системот на обука на новите возачи како да не продуцира совесни возачи кои доследно ќе ги почитуваат правилата и прописите, не загрозувајќи ги другите учесници во сообраќајот. Тој аспект на обуката, извесно, треба да се зајакнува во текот на обуката на новите возачи. Тоа во колумната за „Скопско ехо“ го потенцира и сообраќајниот експерт Пеце Лозанов.

-Потребно зголемување на бројот на часови за Теоретскиот и Практичен дел на испитот. Посебно, во теоретскиот дел и тоа со предавања од областа на сообраќајната етика, безбедноста и прописите во сообраќајот… За таа цел треба да има и  разговори со кандидатите, прикажување реални ситуации, видео, анкета, интервјуа… Целта е тие, како возачи – почетници да станат што повеќе свесни на тоа какви опасности може да се предизвикат со безобѕирното возење и со непочитување на сообраќајни правила. Треба веќе сега да почне да се размислува за да се дојде до конкретни решенија. А тука би можело да се размислува и за внес на повеќе сообраќајни содржини во системот на образованието, посебно во средношколското каде најмногу се регрутираат нови возачи, потенцира Лозанов.

Но, тоа не е се. Многумина возат без возачка. Тука полицијата треба да запне малку поревносно. Треба да се менуваат и самите казни…

Здивените возачи мора да се припитомат.

Претходна вестДо 15 февруари е отворен конкурсот за наградата „Гоце Делчев“ за 2022 година
Следна вестДа си посакаме сите функционална држава!