Прв историски настап на Европско првенство, прв гол но и прв пораз забележа вечерва македонската фудбалска репрезентација во мечот со Австрија кој заврши со 3:1 за австриските репрезентативци. Во мечот кој се играше по дождливо време и во кој нашите репрезентативци ја имаа поддршка на неколку илјади навивачи на стадионот во Букурешт, македонските фудбалери се претставија достоинствено. Тие пружија подобра игра во првиот дел од натпреварот но потоа како да паднаа во вториот дел од мечот. Во првите 45 минути доминираше тактичкото надмудрување по што во 18. минута австријците постигнаа гол. Сабицер нафрли од левата страна, а Лаинер на вториот дирек од само неколку метри смести во мрежата на голманот Димитриевски.
Израмнувањето и историскиот прв гол на ЕП го постигна Горан Пандев во 28 минута од мечот. Тогаш се случи грешка на австрискиот одбрана а потоа и на голманот на Австрија кој во дуел со Трајковски ја остава топката на 12 метри од каде Пандев стрела за 1-1.
Репрезентацијата на Австрија дојде до водство од 2-1 откако во 78. минута уште еден центаршут беше доволен за кикс на нашата одбрана. Првата ѕвезда на Австријците Давид Алаба одлично центрираше, а во петероцот на Димитриевски најдобро се снајде Михаел Грегорич кој го постигна голот за водството на австријците. Во 89 минута Марко Арнаутовиќ, по големата грешка на Езгијан Бејтула, донесе Австрија до водство од 3-1 со кое натпреварот и заврши.