Неверување дека Македонија заслужено се најде на историски најниско ниво во однос на постоењето на корупцијата во државата искажа синоќа министерот за правда Бојан Маричиќ. Тој истапи со став дека не е можно земјата да е сега покорумпирана отколку што била пред неколку години.
– Верувам многумина ќе се согласат, не може ситуацијата со корупцијата да е полоша од 2015-та или 2016 година, кога ние практично имавме заробена држава и имаше експлозија од коруптивни афери. Едноставно сите информации упатуваат дека денес во С. Македонија не може да има повеќе корупција од пред четири- пет години, изјави Маричиќ, на ТВ Телма.
Тој додаде дека проблемите не се сокриваат туку се постапува по нив.
Инаку, Македонија се најде на 111 место во рангирањето што го направи „Транспаренси Интернешенл“ а што е најниското рангирање во изминативе 20 години, од 2001 година досега. Во 2014 година сме биле рангирани на 64-тата позиција со 45 поени, а оттогаш наваму се бележи постојан пад. Најголемиот пад го имавме во 2017 година кога од 90-то се симнавме на 107-мо место.
Дали министерот сега користи друг тип на наочари кога гледа во корупцијата за разлика од оние кои ги носеше кога беше опозиција не е познато. Но релевентни институции на кои порано и СДСМ се повикуваше кога беше во опозиција велат дека Македонија е шампион на корупцијата. А сето тоа се случува кога Македонија има и вицепремиер кој е специјален министер за борба со корупцијата. Дали и тој користи повремено наочари?