Пред некој ден Македонија ја одбележа значајната, 150-та, годишнина од раѓањето на еден од нејзините најголеми револуционери – Гоце Делчев. Дали Македонија го одбележа денот како што треба и како што заслужува големиот македонски учител и револуционер?
Денот помина со полагање на цвеќиња пред неговиот гроб во дворот на црквата „Свети Спас“, се положи цвеќе и пред некои од неговите споменици во Скопје и во други градови во земјава… Имаше и по некоја изјава од политичари. Се организира и изложба на документи врзани со Делчев од страна на Државниот архив.
И толку. Се доби впечаток како на некои од политичарите да им се брзаше денот да помине, оти имаат нелагодности, како и колку да се слави денот. Се чини повеќе мислеа дали некој ќе се налути од славењето. А остана и недореченоста дека премиерот на Македонија баш овој ден не беше во земјава.
Но, има време за поправен, за сите нас. И државата и граѓаните треба да одлучат ќе ја одбележуваат годишнината уште и на кој начин. Дали сега револуционерот и идеологот за самостојна Македонија ќе се споменува само при натегањата во македонско-бугарската Комисија за историја или…? Дали е тоа доволно за да се потсетиме на сето она што е делото на Делчев и што е длабоко всадено во македонскиот национален идентитет?
Ова празнување и чествување на човекот кој својот живот го дал за слободата на македонскиот народ и држава не смее да заврши само со полагање на цвеќе и со една изложба. Потребно е многу повеќе, преку различни форми. Секоја година стасуваат нови и нови генерации на млади кои треба да добијат целосна претстава за тоа што Делчев значи за Македонија.
Делчев пред години кажал работи кои и сега се актуелни и треба да ги си припомниме. Еве на пример ова:
– Делото на ослободувањето на еден народ, е пред сè негово сопствено дело, на неговите сопствени раце
– Ние се бориме за слободна и независна Македонија со широки права на сиромашното население
– Тоа е патот за ослободувањето на народите од туѓо его. По него оделе Грците, Србите, Бугарите. По тој пат треба да одиме и ние, Македонците, за да се ослободиме од Турците
-Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа…
– Македонија има свои интереси и своја политика.Тие им припаѓаат на сите Македонци. Оној што сака да работи на присоединувањето на Македонија кон Бугарија, Грција или Србија, тој може да се смета за добар Бугарин, Грк или Србин, но не и за добар Македонец.
-Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија?
-Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите
-Да ја чуваме чистотата на ослободителното движење и Организацијата, тоа е првиот услов за нашиот успех. Ако тоа не го направиме, Македонија ќе падне под некоја од балканските држави, или ќе биде разделена помеѓу нив
-Македонија има свои и нтереси и своја политика.Тие им припаѓаат на сите Македонци. Оној што сака да работи на присоединувањето на Македонија кон Бугарија, Грција или Србија, тој може да се смета за добар Бугарин, Грк или Србин, но не и за добар Македонец
-Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија?
Ете, Делчев остави поле за работа. Македонскиот народ е на потег.