Дали „оптималното решение“ за згради кај „Треска“ нема да го задуши и онака закрчениот дел од Скопје?

Кај некогашната фабрика „Треска“ дефинитивно ќе се градат згради. Избрано е едно од трите идејни решенија за урбанистичко планирање што пристигнале на конкурсот, а жири комисијата сметала дека тоа е најсоодветно за овој дел од градот.

Во решението, инаку потпишано од „група автори“ се предлага просторен концепт оформен од пет полуотворени станбени блокови, со намена А2 (за домување), отворени кон централниот парковски простор со комбинирана катност од П + 4 до П + 8 лоцирани покрај ул. „Ф. Рузвелт“, централно поставен парк подолжно во правец север-југ како и станбени низови со катност П + 3 и П + 4 по должина на улицата „А. Циборовски“. Во целиот проект е планиран и деловниот комплекс лоциран на ул. „М.Т. Гологанов“.

– Параметрите зададени со проектната програма, во однос на домувањето и деловната намена, се оптимално задоволени. Со поголема смелост и иновативност во креирање на поединечните архитектонски целини, предложениот труд можеше да биде и повисоко рангиран – заклучува жирито составено од претставници од Асоцијацијата на архитекти, Ахритектонскиот факултет, Собранието на Град Скопје, Здружението „Плоштад Слобода“.

Сепак останува прашањето дали „оптималното решение“ нема да го задуши ионака густиот и закрчен дел од градот. Битката за тоа како ќе изгледаат новите 62 илјади метри квадратни кај „Треска“ беше долга и тензична, се креваа и реагираа активисти кои се борат против бетонизирање на Скопје. Колку му е неопходен нов деловен комплекс во овој дел на градот е исто така прашање кое уште е легитимно?

Претходна вестСкопјанка уценувала маж со компромитирачки материјали – барала пари
Следна вестЈужнокорејската пијанистка Јеол Еум Сон вечерва во Филхармонија