Бранувањата околу неупотребата на додавката „Северна“ во името на Република Македонија од страна на новата македонска претседателка Гордана Силјановска – Давкова при чинот на заклетвата не стивнуваат. Реакциите дојдоа и се уште доаѓаат од Атина, Софија, од Брисел, од Вашингтон…
A, изненадно, дојдоа реакции и од македонското Министерството за надворешни работи. Се уште актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи почувствувал потреба и во внатрешните работи да се замеша. Па, така, МНР вчера објави соопштение во кое повика на „внимателност кај политичарите и функционерите за почитување на Преспанскиот договор и задржување на евроатлантскиот курс“.
– Ја нагласуваме определбата на земјава кон недвојбено почитување на уставните определби и меѓународно преземените обврски меѓу кои и почитување на Преспанскиот договор, се потенцира во соопштението.
Многумина ова го видоа како обид министерот во заминување да и држи лекција на новата претседателка за тоа како треба да се однесува кон новото име на нашата држава и дека договорот од Преспа мора да се почитува.
Колку е тоа оправдано еден министер на таков начин да го предупредува шефот на државата, јавноста ќе процени. Но, кога веќе Османи тргна јавно да бара почитување на Преспанскиот договор се наметнува прашањето: И има пишано на официјална Атина вакво писание?
Има што да се пише околу (не)исполнувањето на обврските од Преспанскиот договор посебно за неусвојувањето од Грција на трите меморандуми. Последно нешто на што јавноста се сеќава е посетата на Османи на Атина во 2021 година и средбата со неговиот тогашен колега Никос Дендијас по која нашиот министер кажа дека „Меморандумите се техничко прашање и дека ќе се усвојат кога во Грција ќе се оцени дека е најсоодветно“. Оттогаш до сега, поминаа три години, меморандумите се уште стојат во фиоките во грчкиот парламент. Ги потсети Османи на тоа или само Силјановска ја потсетува на обврските?
А околу неусвојувањето на меморандумите деновиве реагира и речиси сета грчка опозиција. Првин Сириза, чиј поранешен лидер Алексис Ципрас стави потпис на Преспанскиот договор, а потоа и Нова Левица чиј лидер Алексис Харцинас укажа дека актуелниот грчки премиер Кирјакос Мицотакис “веќе пет години не го прави она што мора да го направи“.
-Тој треба да ги достави трите меморандуми за соработка со Северна Македонија на ратификација во парламентот, да престане да ги милува ушите на националистите и екстремните десничари во неговата влада, во неговата партија, јавноста и да ја врати нашата земја, Грција, на патот на мирниот соживот, на патот на соработката, на патот на мирот. Господинот Мицотакис мора да продолжи со спроведување на Договорот од Преспа, рече лидерот на Нова левица.
Сето тоа се реакции кои укажувата дека случајот со неупотребата на додавката „Северна“ и спроведувањето на обврските од Преспанскиот договор има и свое второ лице. А тоа значи дека кога македонскиот министер за надворешни работи реагира за однесувањето на новата претседателка би требало зад себе веќе да има и повеќе реакции до грчката страна за неспроведувањето на договорот од Преспа.