Дали ТВ-презентерка Бесмира Ејупи е нововработено лице во Министерството за надворешни работи? Вакво прашање денеска се наметна откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција соопшти дека Ејупи е вработена како соработник во одделението за правни работи.
-Македонската дипломатија меѓународно е девастирана, македонските национални интереси, македонската посебност и идентитет се распродаваат, а Бујар Османи се занимава со ново вработување во МНР на омилената ТВ презентерка на ДУИ, соработничката на општините водени од ДУИ, лицето без кое државниот правобранител Фехми Стафа не можеше да функционира, добитникот на најмалку 12.000 евра годишно хонорари, Бесмира Ејупи, тврди Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Стоилковски потсети дека Ејупи е несудената генерална конзулка во Њујорк и дека веќе е почната постапка за добивање картичка за евидентирање на влез и на излез на Ејупи, како и влез во компјутерскиот систем. Односно, дека е почната процедура за безбедносен сертификат „доверливо“ за Бесмира Ејупи.
Неодамна, жестоки реакции во јавноста предизвика владината одлука на затворена седница да ја испрати 28-годишната Ејупи за генерален конзул во Њујорк во февруари годинава. Во јавноста тоа најде на големи критики бидејќи таа нема соодветно искуство за позицијата. По оваа објава дел од медиумите открија дека тв водителката добивала хонорари од неколку институции истовремено. Антикорупциската комисија отвори предмет по допрен глас по објавата во медуимите и побараа одговорните лица во општините Петровец, Сарај, Брвеница, Чаир како и во Државното правобранителство да бидат кривично гонети поради исплата на пари на Ејупи.
– Бујар Османи и Димитар Ковачевски коишто тврдеа дека не ја познаваат Бесмира Ејупи, коишто го криеја предлогот на Влада таа да биде генерален конзул во Њујорк, сега мора да одговорат за вработувањето на Бесмира Ејупи во МНР? Османи и Ковачевски мора директно и прецизно да одговорат зошто Бесмира Ејупи е вработена во МНР? Дали вдомувањето на Бесмира Ејупи во МНР и обезбедувањето на сертификат за доверливост и се потребни за да може полесно да го премостат јазот и скандалот, и конечно да може да ја испратат како дипломат, конзул или амбасадор во Њујорк?, праша денеска Стоилковски.
Од МНР и Владата денеска немаше одговор на тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ.