Локалните избори поминуваат без возбуда, според познато клише, со многу предлози, преповторени и со општи места и сосем малку сериозно и компетнетно подготвени проекти кои може да се реализираат за еден мандат затоа што државните тела се непомирливо партиски поделени, не сакаат да се слушнат ниту да се разберат. Власта (во спотовите) се презентира со „светли“ тонови, а опозицијата со глумечки наместени сиви тонови. Тие, исто така, не мислат за доброто на градот и жителите на градот. Ветуваат пловен Вардар (а нека отидат да погледнат во каква состојба е) а некому му текнало да вклучи култура и уметници во својата агенда. Да ветуваш подобар живот и светлина која не знаеме од каде ќе дојде е провидна лага. Од трета страна новокомпонираните „зелени“ треба да реагираат на умесна критика: дупките на улиците на Тетово се покриени со есенски цветови! Се покажа дека ги интересира само власт и пари на дневно ниво, без визија и познавање на градот, како и да го поминат мандатот што е можно поудобно.
Да се очистат институциите од корупција и потклупливост нема да вроди со резултат! Омразата што постои не влече надолу, особено недовербата кон власта и меѓу луѓето. Партизацијата ја разјадува секоја идеја да се направи нешто добро, што звучи можеби нихилистички и песимистички. Животот е трагедија за сиромашните, вели мудрецот. Решиле да ги дислоцираат „монументите“, но кој, како и што ќе биде отстрането? Некој беше загрижен што ги палат и новите контејнери, меѓутоа, и да бидат излиени во бронза ќе најдат начин да ги уништат. Практика е да се крадат скулптури заради цената на бронзата, а вандализмот врз бистите и спомениците (низ целата земја) се однесува на вредни модернистички остварувања на тема НОВ и Илинден. Деновове биле отчепени и фрлени во Дрим бистите на Анте Поповски и Славко Јаневски, во Струга – градот на поезијата! Од мрачното „дијазепам“ време еволуиравме во ново „антидепресивно “време.
Ги броиме мртвите од корона вирусот но ги има и заради лекарска негрижа, од стресните неправди и присутното насилство како наше секојдневие. Некој упорно носи партиски или свои егоистични розе наочари?! Дали веќе го играме најтешкото (оро)? Тоа е сугерирано и во анимираниот филм „(Нај)тешкото“ на Афродита Ф. Марковиќ. Скулптури на Петар Хаџи Бошков се изложени на археолошкиот локалитет Стоби во рамки на проектот (модерно) насловен „Откривање на иднината: Археологија и модерноста“. Гете запишал: Уметноста е, друга природа. Се укажува на суштинска релација меѓу модерната и антиката, меѓутоа, то треба да се објасни, да се види и препознае проблемот на поврзување на овие архитектонски и скулпторски остварувања, мошне различни по функција и симболично значење. Стоби е само по себе „жив град“ а може да биде амбиент во кој се презентираат современи културни и уметнички содржини.