Македонија вчера доживеа нов ценовен шок кој, по се изгледа, нема да биде и последен. Огромниот скок на цените на горивата сигурно ќе повлечат и други поскапувања. Што да се прави?
Владата уверува дека подготвила пакет на мерки за спречување на нов ценовен шок на основните прехрамбени производи и енергенсите. Што има во мерките и колку тие се добро осмислени ќе видиме наскоро.
Но, сега се чека да се види и дали Владата ќе почне сериозно да штеди. Особено на непотребните трошоци за клки низ годините гледавме дека се прават. Мора да се менува целиот однос во начинот на кој што се трошат парите собрани во државниот буџет.
Министрите, директорите… треба да се откажат од сите оние непродуктивни трошоци за кои што годинава било предвидено да се трошат буџетските пари. Навистина ли е извршена проценка и е донесена одлука да се откажат набавките на службени коли, мебел, трошоци за репрезентации, ангажирање на бројни хонорарни соработници, нови вработувања … Јавноста би сакала да добие конкретен одговори и податоци за тоа што Владата планира да направи како чин на штедење за да средствата се пренаменат за справување со актуелната економска криза?
Тука никој не бара да се намалат средствата за инвестиции, посебно за капиталните проекти со чија реализација веќе се доцни со години. Има многу простор за намалување на најразлични буџетски ставки и тоа треба сериозно и веднаш да се направи.
Но, кај нас е проблем и тоа што добар дел од Буџетот оди за платите на администрацијата. Тоа повторно го отвора прашањето зошто се чека на реформата во тој сектор со цел да се добие мала и ефикасна администрација? Тој процес еднаш мора да започне и со што ќе се обезбедат уште поголеми средства за вакви кризни ситуации. Меѓутоа, тоа и другите промени кои ќе значат дека Владата рационално се однесува кон парите на граѓаните прибрани во државниот Буџет, никако да започнат.
А за возикањата на функционерите (но и поситната боранија) во скапите автомобили, со сега и прескапото гориво, ич да не почнуваме да зборуваме – тоа мора веднаш да се редуцира!